Бесплатен оброк за припадниците на Армијата од следната година, најави Шекеринска

од Берта Китинска

Од 2022 година, припадниците на Армијата, првенствено оние кои се дел од Лесната пешадиска борбена група во Штип, а од 2023 година и во целата Армија, ќе добијат обезбедени, бесплатни оброци во текот на целата година и тоа преку надворешна компанија за што во моментов е распишан тендер за јавна набавка.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска порача дека Армијата е институција со најголем респект кај граѓаните и дека изминатите неколку години државата почна вистински да го цени нејзиното место во општеството, особено со внесување на НАТО стандардите во Армијата.

„Започнавме со сериозно зголемување на примањата на припадниците, прво со зголемување на платите, потоа со воведување на дополнителни додатоци, зголемување на додатоците во одредени служби, обезбедување на дневници кои што години со ред не беа исплаќани. Започнавме еден проект со кој што одиме и еден чекор понапред. Припадниците на армијата навистина заслужуваат да имаат еден бесплатен обезбеден оброк кој што ќе се финансира од страна на буџетот и затоа пред два дена беше објавен првиот тендер кој што ќе се однесува на обезбедување на еден бесплатен оброк за сите припадници на нашата лесна пешадиска борбена група кои што се сместени во Штип“, рече министерката.

„Целта е согласно нашиот повеќе годишен финансиски план за ‘22 година да обезбедиме целосно покривање на оваа организирани исхрана во Штип, а веќе од 2023 година ги имаме планирано средствата тоа да стане буквално бесплатен оброк за секој припадник на Армијата без разлика каде се наоѓа“, рече министерката.

Министерката порача дека ова ќе биде одлична шанса за домашните компании да ги покажат своите капацитети.

„Ова ќе биде шанса и за домашните компании кои што ќе излезат со можност целосно да и нудат на Армијата, односно на Министерството за одбрана исхрана која што ќе биде 365 дена во годината, и тоа ќе им биде шанса да учествуваат и на домашни, македонски, но и на некои од НАТО тендерите кои што можат да се појават во нашиот регион“, рече министерката.

Началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски порача дека заради фактот дека Армијата е институција со највисок рејтинг, потребно е да се остане на патот на развојот и подобрувањето на животниот статус и стандард на секој припадник на Армијата.

„Во поддршка на нашите државни институции успешно се справивме со пожарите кои ги имавме ова лето. Веќе неколку години се ангажираме во поддршка на владините институции и министерства во справувањето со COVID кризата, а исто така и со мигрантската криза. Ќе продолжиме во периодот кој претстои. Успешно го реализиравме и финалниот концепт на воено интегрирање во НАТО, брзо и ефикасно, секако со поддршка на Министерството и надлежните институции во земјата. Во делокругот на подобрување на животниот статус и стандард, Министерството за одбрана максимално дава целосна поддршка секој припадник да се чувствува гордо на своето работно место“, рече генералот.

Во однос на проектот за обезбедување на исхрана за целата Армија, началникот на Генералштабот истакна дека овој проект изминатите 30 години беше неопходност и дека со поддршка од Министерството може да се отпочне со негова реализација од почетокот на 2022 година.

Слични содржини