Биљали: На локалните избори ќе се случи „земјотрес“ што може да биде причина за предвремени избори

од desk4

За десеттина дена кандидатите за градоначалнци конечно ќе ги откријат адутите со кои ќе се обидат да ги освојат гласовите на граѓаните на овие седми по ред локални избори од осамостојувањето на Македонија. Партиските каравани на 27 септември и официјално ќе тргнат на 20 – дневната турнеја низ Македонија. Ќе ги посетат и селата и градовите каде ќе одржат средби со граѓани но и митинзи на кои ќе ги нудат своите програми во кои се предвидува подобрување на животот на граѓаните. Се очекува, кандидатите да ги понудат своите најдобри решенија за комуналните проблеми на граѓаните.

Според политичкиот аналитичар Мерсел Биљали и на овие избори од партиските кандидати не очекува некакви поголеми изненадувања.

-Не гледам дека некоја од партиите има некаков сериозен адут, освен ако така не се нарекува целта „власт по секоја цена“. Кога партите и нивните лидери би имале барем грам од важните интереси на граѓаните, прва и последна точка, како понуда би требало да бидат индустриските зони и зоните за фарми, со тотална либерализација и докрај поедноставување на постапките за добивање на земјишта за градење капацитети. Оти вака како што е со безидејнос и неодговорност во централната власт и локалната власт ние сме блиску да останавме без луѓе. Ни се случува невиден егзодус кон нормалните земји. На нашите луѓе насекаде им станува подобро отколку во својата земја. Така што после неколку декади тука веројатно ќе ни дојдат Африканци, Сиријци, Авганистанци или Индијци, вели Биљали за „Локално“.

Според Биљали големиот број на независни кандидати на овие избори е показател дека граѓаните полека но сигурно им го вртат грбот на партиите.

– Тоа е добро, бидејќи укажува на губење на доверба кај партиите, но сепак дел од медиумте се сеуште под голема контрола и прашање е колку независните кандидати за градоначалници ќе успеат во својата намера да ја освојат општинската власт. Но, знам дека ќе се случи земјотрес што може да биде причина за предвремени избори. За жал, албанската опозиција е повторно во дефанзива, вели Биљали.
Граѓаните со кои разговараше „Локално“ се поделени во своите размислувања. Едни велат дека ќе гласаат за личност, други пак дека во нивниот избор голема ќе биде улогата партијата.

Велика Т. која е 65 годишна пензионерка, за „Локално“ вели дека многупати излегла да гласа на локални избори но, дека ретко кој од кандидатите за градоначалници и советници нешто смениле во општината каде живее. Посочува дека врз нејзиното гласање ќе влијае квалитетот на кандидатот и она што тој ќе го вети. Истовремено таа не ја исклучува можноста во последен момент врз нејзиниот избор да повлијае и која партија стои зад кандидатот. Ќе оди на гласање бидејќи сака да си го исполни своето граѓанско право.

Слични одговори добивме и од другите граѓани кои „Локално“ ги праша на истата тема.

„Ќе гласам за личност од доверба, а не за партија“, „Очекувам во мојата општина да победи домаќин човек, кој ќе си ја знае работата“…,
„Не им верувам веќе на партиските празни ветувања. Очекувам и на овие избори да ги има многу. Кажи што ќе кажеш, но да не мислат партиите дека им веруваме“…

Дел од граѓани кои ги анкетираше Локално, отворено ја застапуваат опцијата дека иако станува збор за локални изори, сепак пресудна ќе биде партиската припадност на кандидатот за градоначалник.

„Јас ќе гласам за партиски кандидат. Бидејќи сум симпатизер на одредена политичка опција“…

Други пак велат дека нема да излезат на гласање бидејќи се разочарани од политичарите.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека на овие локални избори понудиле енергични кадри со визија, план, стратегија и развој на секоја општина.

-Кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се новата генерација на луѓе кои ќе настапат на политичката сцена и ќе го креираат развојот на општините во нашата земја. ВМРО-ДПМНЕ преку кандидатите за градоначалници нуди нова сила која што ќе донесе подобри промени во општините низ државата и искоренување на криминалот и корупцијата кои се длабоко навлезени поради власта на Заев. Кандидатите за градоначалници преку своите проекти нудат место за секој еден граѓанин да почувствува дека е опфатен во креирањето и градењето на неговата општина, велат во ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ се кадри од времето на режимот на Грувски и дека со таквата понуда ги потценуваат граѓаните.

-Со оваа нивна понуда, ВМРО-ДПМНЕ докажува дека во нивната партија нема ништо ново. Кадри кои биле носители на државни функции, а сега Мицкоски ги претставува како нови лица пред граѓаните. Но, во понудата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ има и лица за кои постојат сомневања дека сториле кривични дела, а има и такви со судски пресуди. ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги очекува нов пораз низ целата држава. Граѓаните и на овие избори ќе застанат зад концептот на СДСМ и коалицијата, затоа што знаат дека само така можно е да продолжи напредокот и развојот на државата и општините, велат во СДСМ.

Од СДСМ порачувјаат дека нивните кандидати се луѓе блиски до граѓаните, чесни, одговорни индивидуи, со конкретни планови и решенија, секој за својата општина.

Генерално пак, сите кандидати за градоначалници порачуваат дека во општинте ќе понудат услови за квалитетен живот, здрава животна околина, социјални и културни услуги, со еден збор места без криминал и корупција во кои граѓаните ќе можат мирно да си ги остваруваат своите секојдневни обврски.

Б.Т.

Слични содржини