Биљали: Владата треба да биде предводена од економист, државата со децении економски стагнира

од Берта Китинска

Мене, а веројатно и многуте други граѓани не ги интересираат толку многу партиските комбинаторики во СДСМ, колку што развојните прашања и напредокот на државата како целина, вели проф. д-р Мерсел Биљали во разговор  за „Локално“ во врска со внатрепартиските избори во владејачката партија кои ќе се одржат на  12 декември.

Според него кандидатот  Димитар Ковачевски е добар кадар и редно е владата да биде предводена од економист.

– Мислам дека се работи за добар кадар, и што е најважно е добар познавач на економските параметри, а токму тоа ни треба. Мене, а веројатно и многуте други граѓани не ги интересираат толку многу партиските комбинаторики колку што развојните прашања и напредокот на државата како целина. Јас во новиот иден премиер гледам комплетна фигура која знае што и треба на државата. Оти за жал со деценија економски стагнираме, дури во споредба со западно балканскиот регион. Сите држави кои беа далеку зад нас не надминаа. Како да не прати некаков малер. Па редот си беше владата да ја следи економист, и тоа не секаков економист, туку според познавачите еден од најдобрите, објаснува  Биљали.

Политичкиот аналитичар смета  дека две причини довеле до лошиот резултат  на СДСМ на локалните избори.

-Првата премногу подигање на очекувањата дека ќе започнеме со преговори за членство во ЕУ, а втората е ептен слабата ПР екипа околу премиерот. Поинаку никој не може да ги спори резултатите, иако се потребни многу посуштествени реформи. Факт дека не е лесно да решаваат проблеми стари 30 години и ептен чувствителни, од кои повеќето претходни премиери и претседатели бегаа како од некоја многу опасна чума. Но, сето тоа беше покриено со тотално непрофесионална ПР структура. Тука секој збор треба да се мери со кантарот на златарот.Мислам дека идниот нов премиер е свесен дека воопшто нема да му биде лесно, но ако создаде силна и професионална екипа, тогаш има шанси да поврати дел од загубената доверба. Обично луѓето се спремни да ве разберат и за најтешки ситуации и моменти ако искрено и професионално им го објаснувате проблемот. ПР-от е тој што треба да создаде мнение во јавноста дека водачот го прави максимално можното. На крај краева добрите водачи знаат да се спуштат и по диви води со големи ризици, оти посилно им е внатрешното чувство дека треба да се решава некој голем проблем, отколку нивниот личен рејтинг. При такви моменти, ако избирате да бегате од таквите опасни води, државата ќе ви заврши во смрдливо мочуриште, подвлекува професорот.

Според него потребен е фокусот да биде насочен повеќе кон економскиот развој, со цел  да се поедностават и либерализираат сите критериуми за мали или големи стопански проекти.

-Важно да почнат со работа, да вработуваат луѓе, да создадат вредности за пазарот, па со време ќе ги исполнуваат сите други околности, вклучително и еколошките. Нормална власт, во секое село треба да овозможи локации за фарми како право на користење на државното земјиште. Срамота е држава како нашата која  едно врме ја хранеше пола Југославија сега увезува околу милјарда евра храна годишно. Тука нешто сериозно не чини, вели Биљали.

За тоа дали  новиот лидер ќе треба да направи поголеми „резови“ во партијата, аналитичарот смета дека треба да се направи мерит-систем во секое поле.

-Јас не би го локализирал проблемот во членството на која и да е партија. Мора првенствено да мислите за луѓето и државата. Ако тоа го постигнете,веројатно и партиското членство ќе биде позадоволно и поединствено и обратно. Потребно е да се воведе мерит-систем во секое поле. Тогаш и политичката клима ќе се релаксира, оти партиите ќе немаат многу гориво за да создадат кавги. Кога ќе гледат луѓето дека работата се добива со знаење, а унапредувањето со труд, нема многу да трчат по партиите, туку по вредностите. Тогаш и учениците и студентите нема да трчат по празни дипломи, туку по квалитетно знање. Ако создадеме клима за развој, тогаш луѓето нема да зборуваат за гола партиска политика.Ако работите не ви чинат во државата ќе пукнат и синџирите кај членството. Кога секој како физичко или правно лице ќе го добие тоа што му следи според законите, тогаш кавгата престанува. Дури тогаш нормално треба да биде и опозицијата да биде вклучена во процесот, објаснува професорот.

Владата ќе биде постабилна со бројка од 64 пратеника 

Според Биљали Алтернатива  е одговорна  партија  која ќе овозможи да имаме нормална функционална влада.

-Владата треба да настојува во соработка со опозицијата да го смени менталниот код на парламентарните партии. Власта треба да биде по широкоградна, а опозицијата по инклузивна. Ако заедно праваат добар закон, тогаш зошто да не го изгласат сите. Но, тука имаме ние законски дефект со постојниот изборен модел со затворени листи, и тоа во окото на пратениците на лидерите ги прави поважни од граѓаните. Алтернатива како партија е одговорна и тоа го има докажано секогаш во минатото, така што мислам дека ќе имаме нормална функционалност, смета аналитичарот.

Во врска со барањето на Алтернатива за меѓународен мониторинг на некои судски случаи за кои веќе има пресуди, аналитичарот објаснува дека оваа постапка  ако допринесе за подговорно судство, тогаш воопшто не би требало да ни пречи.

-Не се работи за мониторинг, туку за екпертиза, своевидна стручна анализа, што сама по себе не е воопшто лошо. Ако тоа ќе може да допринесе за поодговорно судство, тогаш воопшто не би требало да ни пречи. Напротив, треба да поддрживе секој чекор што води кон довербата на институциите. Реално, на нашето судство и е потребна длабок рез за да функционира како што треба согласно законот. Таа во голема мери ги штити бројните општествени девијации, кои далекуи од етничкото, подвелкува тој.

Биљали вели дека сега не е време да се оди на предвремени избори и  потребно е да му се даде простор на новиот премиер.

-Мислам дека за тоа нешто сега воопшто не е времето, а веројатно и мнозинството луѓе во државата сакаат да видат што ќе понуди и како ќе работи новиот премиер, вели тој.

Б.М.

Слични содржини