Билатерални средби по повод инаугурацијата на претседателот Пендаровски

од desk2
125 прегледи

Во Кабинетот на претседателот „Вила Водно” денеска се одржа официјална церемонија на примопредавање на функцијата Претседател со највисоки воени и државни почести. По свечената церемонија, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, оствари билатерални средби со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, соопшти претседателскиот Кабинет.

 На средбата со претседателот на Република Бугарија Румен Радев, претседателот Пендаровски изразил цврста определба за натамошно зајакнување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог со Република Бугарија.

-Двајцата претседатели истакнаа дека заеднички ќе се заложуваат во афирмирањето на мирот и стабилноста во регионот со цел негова забрзана интеграција во евроатлантските структури. На тој план, претседателот Пендаровски изрази очекување дека поддршката од Република Бугарија ќе продолжи и во иднина, се вели во соопштението.

На средбата со албанскиот претседател Илир Мета, претседателот Пендаровски истакнал дека Република Северна Македонија ќе продолжи да ја гради меѓусебната доверба со Република Албанија и дека македонското членство во НАТО ќе биде од суштинско значење за безбедноста, мирот и просперитетот на целиот регион.

Претходно, во Собранието на Република Северна Македонија, а по повод инаугурирањето на функцијата претседателот Пендаровски оствари средба и со претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Двајцата претседатели изразиле уверување дека билатералните односи меѓу двете земји и натаму ќе се зајакнуваат и дека заеднички ќе придонесат во интензивирање на севкупната соработкана сите полиња од заеднички интерес.

Тројцата претседатели на претседателот Стево Пендаровски му упатиле срдечни честитки за изборот и му посакале успешно извршување на функцијата.

Во Собранието на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски оствари средба и со министерот за надворешни работи на Република Грција, Јоргос Катругалос. На средбата, шефот на грчката дипломатија му упатил честитки на новоизбраниот Претседател и му посакал успех во вршењето на должноста. Двајцата соговорници изразиле подготвеност за натамошно унапредување на севкупните односи и политичката клима меѓу двете држави.

Пендаровски денеска во претседателскиот Кабинет имаше билатерални средби и со Срѓан Дармановиќ, министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора, со Фарук Кајмакчи, заменик МНР на Република Турција и со Пјотр Вавжик, државен потсекретар во МНР на Република Полска.

На средбите со странските државници, новоизбраниот претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски се заблагодарил за упатените честитки и укажаната чест и изразил надеж дека Република Северна Македонија во периодот што следи ќе прерасне во вистинска модерна европска демократија и рамноправен партнер на земјите членки на НАТО и ЕУ.

Слични содржини