Билд: Зошто Германија молчи, а Курц не

од Stefanija Kuzmanovska

По убиството на 13-годишно девојче во Виена, за кое се осомничени авганистанските баратели на азил, најостро реагираше австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Од друга страна, германскиот весник „Билд“ се прашува зошто Германија молчи по исламистичкиот напад во Вирцбург и се обидува да го сврти вниманието од проблемот.

„Ветувам дека сторителите ќе бидат строго казнети. Никогаш нема да дозволам прекинување на депортацијата во Авганистан и попречување на законот за азил против барателите на азил кои го кршат законот“, рече Курц.

„Билд“ истакнува дека Курц го изговара она што германските политичари ретко се осмелуваат.

По нападот со нож врз граѓаните на Вирцбург, германската канцеларка Ангела Меркел ѝ се обрати на јавноста само преку нејзиниот портпарол Стивен Зајберт.

И покрај јасните индиции дека станува збор за исламистички напад, таа зборуваше за „напаѓач“ и за „ужасен чин насочен против човештвото и секоја религија“, потсетува весникот.

Курц за „Билд“ изјави дека нема простор за погрешна толеранција и дека жртвите не треба да се претвораат во сторители на дела.

Тој посочи дека по убиството на девојчето имало поединци кои прашувале зошто девојчето било само и дали родителите се одговорни, како и дека бегалците се секако трауматизирани.

„Во овој поглед, можам само да кажам дека сум згрозен од ваквите изјави“, рече Курц.

Што се однесува до однесувањето на германската влада, Вернер Пацелт, политички научник од Дрезден, ја објаснува воздржаноста со изјавата дека критиките кон муслиманите веднаш ќе бидат етикетирани како „исламофобија и расизам“, и дека кога разликата меѓу муслиманите и исламистичкиот тероризам не е јасна доволно, постои обвинение дека се работи за предрасуда.

Други експерти исто така истакнаа дека Германија молчи, затоа што не сака да укаже на грешката направена со прифаќање на премногу бегалци кои не се подготвени да се интегрираат.

Австриската влада закажа состанок со експерти за денес со цел да разговара за проблемот со барателите на азил кои го кршат законот.

Слични содржини