Бишев: Банката на Силиконската долина не подлежела на стрес-тестови, далеку од повторување на кризата од 2008-та

од Nikola Popovski

Американските регулатори неодамна ја затворија една од најважните банки – Банката на Силиконската долина , со што беше означен најголемиот банкрот од Големата рецесија и втор по големина во историјата на САД. Како што колапсот на банката фрла нова светлина врз кревкоста на светскиот финансиски систем, во ходниците на моќ на ЕУ се зголемуваат шпекулациите за тоа кој или што ја поттикна Европската комисија, во последен момент да повлече контроверзен дел од банкарското законодавство.

Се поставува прашањето дали постои ризик од прелевање на кризата на европско тло, а со тоа и на македонскиот банкарски сектор. Според претставникот на Македонската банкарска асоцијација и универзитетски професор, Глигор Бишев, Банката на Силиконската долина е прва поголема банка после 2008 година кога се случи финансиската криза, која се соочи со финансиски проблеми и која оди во ликвидација. Тој во разговор за „Локално“ вели дека сепак според стандардите на САД, тоа е регионална банка, но не е системски значајна и затоа регулаторните органи одлучија да не ја спасуваат и поради тоа е отворена стечајна постака.

-Истовремено уште неколку мали регионални банки во САД се судираат со слични проблеми и над нив е отворена стечајна постапка. Тоа се банки кои се занимаваат со финансирање на FinTech компаниите и стартапите. Овие банки се специјализирани и не се вмрежени во меѓународните финансиски текови со земјите од Европа или од Македонија, истакнува Бишев.

Тој нагласува дека овие банки не се доведоа во лоша состојба како во 2008 година поради лоши пласмани, туку поради каматниот ризик.

-Во време на ковид-пандемијата, сите знаеме дека централните банки и државите ја зголемуваа ликвидноста и интевернираа за да ги поддржат компаниите. Каматните стапки во САД и Европа беа блиску нула, а во Европа и негативни. Сега за 12 месеци дојде до брз раст на каматните стапки и овие банки не успеаа ефективно да го управуваат каматниот ризик и се соочија со загуби, информира Бишев околу ситуацијата со колапсот на Банката на Силиконската долина.

Сепак е дециден дека ваквата ситуација не води кон повторување на кризата од 2008 година.

-Иако ова е голема банка со вкупна сила од 200 милијарди долари, таа не е системска банка и не подлежела на стрес-тестовите на регулаторните органи во САД и како таква нејзиното влијание не може да биде пресудна за финансискиот систем. Битно е да знаат граѓаните дека сите банки во Македонија подлежат на стрес-тест еднаш годишно. Тоа го следи Народната банка и таа во своите претпоставки за стресна ситуација вклучува многу поконзервативни претпоставки отколку што се случуваат во реалност, изјавува Бишев.

Тој укажува дека сите банки во Македонија се стабилни, како и што вчера соопшти Народната банка.

-Тие тоа најдобро го знаат бидејќи на дневна основа ги имаат податоците од работење на банките. Кога велат банкарскиот систем е здрав, не гарантираат за ниту една банка, туку кажуваат дека не е можна нестабилност во финансиската сфера, објаснува банкарот.

Н.П.

Слични содржини