Бислимоски: Загубите на водата достигнуваат до 60 отсто, да се објасни за што се троши секој денар во комуналните претпријатија

од Берта Китинска

Четири регулаторни тела од регионот меѓу кои Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Северна Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора како и Асоцијацијата на Регулаторни тела на Европа за водни услуги(WAREG) во Тирана потпишаа Меморандум за соработка во областа на водните услуги.

Регулаторите се обврзаа и формално преку заедничка соработка да ја усогласат домашната регулатива со законите на Европската Унија.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски, кој е воедно и потписник на Меморандумот посочи дека документот е резултат на досегашните заеднички билатерални програми за соработка во рамки на WAREG за зајакнување на институционалните капацитети на регионално ниво.

Делиме исти предизвици, а клучен постулат во нашата работа е на сите потрошувачи да им се обезбеди правото на вода, која треба да е високо квалитетна и достапна по тарифа која ќе гарантира и инвестиции во мрежата со цел да се намалат загубите посочи Бислимоски.

„Оваа фаза од процесот на реформи во секторот за води во нашите земји е неизбежна и од голема важност за да имаме доверливи, одржливи и економични системи за регулација на водните услуги. Последните податоци покажуваат дека немаме однос кон водата како природен ресурс и загубите на национално ниво достигнуваат до 60 % поради лошата инфраструктура и поради отсуство на инвестиции на јавните претпријатија. Секој пат кога се определува опсег на тарифа, советите на општините најчесто ја одбираат тарифата во чија структура степенот на инвестиции е на најниско ниво и подразбира базично одржување на мрежата. Ова е проблем со кој што сите се соочуваат и во регионот. Неопходно е да се објасни секој денар за што се троши и колку инвестиции се реализираат во комуналните претпријатија“ истакна Бислимоски, претседателот на РКЕ.

Слични содржини