Битиќи на средба со јапонскиот амбасадор Казуја: Имаме голем потенцијал за унапредување на економската соработка

од Stefanija Kuzmanovska

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес оствари средба со амбасадорот на Јапонија, Н.Е. г. Оцука Казуја, со кого разговараа за економската соработка помеѓу двете земји и потенцијалите за истата да се интензивира и понатаму.

Вицепремиерот Битиќи упати благодарност до јапонскиот амбасадор за поддршката која оваа земја ја дава за развојот на Република Северна Македонија и која е еден од најголемите билатерални донатори за реализација на конкретни програми и проекти, со средства од јапонскиот народ, кои се спроведуваат преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JIKA).

Битиќи и Казуја посочија дека билатералните односи помеѓу двете земји се на завидно ниво, а се согласија дека постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека економските политики на Владата се насочени кон привлекување на нови инвестиции на високо технолошко развиени компании, како што несомнено има и во Јапонија и дека целта на Владата е да се подигне конкурентноста на земјата и регионот на Западен Балкан, преку вклучување на компаниите во глобалните синџири на производствените компании. Амбасадорот Казуја се согласи дека со влезот на земјата во НАТО и отпочнувањето на преговорите со Европската Унија, нашата земја е стабилен и сигурен партнер за инвеститорите, притоа изразувајќи поддршка за нашиот евроинтегративен процес.

Амбасадорот Казуја изрази задоволство што нашата земја веќе го има потврдено своето учество на Осака Експо 2025 година што ќе се организира под темата „Креирање идно општество за нашите животи”.

Вицепремиерот Битиќи и амбасадорот Казуја, се согласија дека во периодот кој следи ќе се посветат на реализација на заеднички економски проекти, со цел продлабочување на економската соработка помеѓу двете пријателски земји.

Слични содржини