Битиќи: Во време на глобална криза да се фокусираме на регионална соработка и воспоставување мирни односи

од Vladimir Zorba

Во ова време на глобална криза мора, не само да се фокусираме на далечни земји со огромни разлики, туку и на нашиот регион и нашите соседи, на воспоставување мирни односи, доверба и соработка со соседите, на изградба на мостови, да се поддржуваме и она што е логично, да живееме заедно, истакна заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи во неговата видео порака на Медитеранскиот форум во Атина „Circle the MED 2022″.

Вицепремиерот говореше за важноста на регионот и соработката меѓу земјите од целиот Медитеран, посочи дека војната против Украина ја покажа зависност на увозот и од Украина и од Русија што доведе до зголемувања на цените и истакна дека „можеме да работиме заедно на развој на наша сопствена стратегија за одржлива храна со користење на модерна технологија и со помош на ЕУ” со што регионот ќе стане повеќе независен.

-Некои земји од Медитеранот покажаа дека ова е можно ако иновациите се стават пред популизмот и политиката. Со обновливите извори на енергија, можностите за производство на храна и туризам, плус сите други опции за економски развој ќе имаме многу позитивен исход. Не треба да ја загубиме можноста, треба да го искористиме моментумот и да започнеме да ја градиме нашата заедничка иднина, порача Битиќи.

Истакна дека сè што се гради, без разлика дали се патишта, автопати, електрични водови или гасоводи особено е важно да се гледа регионално, а не поединечно и како пример ја спомена пандемијата и здравствената кризата која „покажа колку е тешко справувањето со недостиг на снабдување”, кога секоја земја имаше свои правила за патување.

Потенцираше дека Северна Македонија направи големи чекори во насока на регионалната соработка преку потпишаните договори во рамките на Берлинскиот процес.

Битиќи се осврна на енергетските односи и соработката со соседите, потсети дека по решавањето на спорот со името, со Грција го градиме интерконекторот за природен гас, земјата учествува во терминалот за течен природен гас во Александруполи и се очекува големата грчка инвестиција со новата хидроцентрала во Северна Македонија, а ја спомена и изградбата на интерконекторот со Албанија.

Истакна дека сме регион на сонцето и постојат големи капацитети што можат да се исполнат со фотоволтаици.

-Ние се гледаме како дел од Европа. Европа моментално страда од високите цени на енергијата што ја прави европската индустрија помалку конкурентна наспроти Северна Америка или други области. Ова е огромна шанса за Медитеранот како природен партнер, посочи заменик-претседателот на Владата за економски прашања.

Слични содржини