Битиќи: Ќе воспоставиме механизам со кој ќе обезбедиме достоинствен раст на пензиите

од Берта Китинска

„Сегашниот модел за усогласување на висината на пензиите не ги следи до крај промените на реалноста и мислам дека е направен да не им нуди достоинство на пензионерите. Моделот што го разговараме е модел што ќе ги задоволи сите страни“ кажа вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „24 анализа“ на ТВ24.

Тој додаде дека Владата мора да се осигура Фондот за пензиско осигурување да остане стабилен и одржлив.

„Клучно е и по десет години пензионерите да имаат од каде да добиваат пензии. Ние можеме со популистичка мерка да речеме 2-3 илјади денари покачување, без разлика дали Фондот може да го издржи тоа. Но ние седнуваме и разговараме со сите засегнати страни и се надевам дека уште на првиот состанок ќе најдеме решение“ кажа Битиќи.

Тој додаде дека, како и за минималната плата, Владата сака да постигне долгорочно и предвидливо решение за раст на пензиите.

„Во јануари имавме раст на пензиите за различни категории, но на просекот од 15700 денари, растот беше 470 денари. Не можам да кажам дали е тоа добро и лошо, но сакаме да направиме уште, доколку е тоа возможно, а тоа ќе го направиме низ разговор“ кажа Битиќи.

Слични содржини