Битиќи: Надворешната трговија со Грција непрекинато расте, има добри изгледи за развој на нашите врски и заедничкото водење бизнис

од Vladimir Zorba

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денеска се обрати на онлајн настанот „Унапредување на економските и царинските регулативи во време на криза” организиран од амбасадата на Република Грција во Северна Македонија.

„Тековната соработка во бројки покажува дека надворешната трговија со Република Грција непрекинато расте и трендовите покажуваат дека на крајот на изминатата година, вкупната размена била 943,265 милиони евра. Овој тренд е задржан и во првиот квартал на оваа година, 2022, а извозот и увозот се удвоени во споредба со истиот период од последната година. Нивото на странски директно инвестиции што доаѓаат од Грција во 2021 година е 29,31 милиони ЕУР, според податоците на Народната Банка на Република Северна Македонија. На почетокот на оваа година ја одржавме Трговската мисија што беше организирана од Американските стопански комори од Северна Македонија и Грција што остави одличен позитивен впечаток врз двете страни и добри изгледи за иднина за развој на нашите врски и заедничкото водење бизнис“, вели Битиќи.

Нашата Влада, истакнува тој, е посветена на подобрување на условите за работење и за обезбедување подобра бизнис средина и токму затоа, презема чекори за спроведување на проекти што придонесуваат кон постигнувањето на оваа цел, покрај тешките услови и кризите (здравствена, енергетска, војната во Украина) што ја удираат нашата економија како и најголем дел од економиите низ светот од 2020 година наваму.

-Пред само неколку дена во Александропули беше обележан почетокот на изградбата на терминал за течен гас во кој нашата земја треба да има акции и да учествува во изградбата. Тој проект е цврсто поддржан од Европската комисија и се смета за проект од особен интерес за Европската Унија и снабдувањето со природен гас. Обезбедува ефикасна интеграција со другите проекти во инфраструктурата на природниот гас на регионалните пазари. Неговата изградба ќе обезбеди корист за нашите држави во претстојниот период, како и за регионот и за ЕУ во поглед на достапноста на различни енергетски извори. Иднината на проширувањето на мрежите за снабдување со гас во регионот е обезбедена со уште еден проект – изградба на интерконекторот меѓу Северна Македонија и Грција. Инвестициите во енергетски извори ќе придонесат кон зголемена конкурентност, диверзификација и стабилност на снабдувањето со гас за државата односно набавка на енергенси за нашите економии и регионот, вели Вицепремиерот.

Приоритет на нашата земја во полето на трговијата, продолжи Битиќи, значи вклученост во меѓународните синџири на вредност и интернационализација на домашните компании, со што ќе се зголеми обемот на трговијата, ќе се зголеми нивото на усогласеност со меѓународните трендови и меѓународните регулативи, вклучително и европските во полето на царината и царинската унија.

– Важно е непрекинато да се работи на взаемната корист во постигнувањето на истата цел, подобра бизнис средина и подобри животни услови за нашите граѓани, заврши Битиќи.

Слични содржини