Битиќи: Сите економски политики се креираат во инклузивен процес, за унапредување на бизнис климата и побрз и одржлив економски развој

од Nikola Popovski

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи денес оствари средба со претставници на компании-членки на Советот на странски инвеститори и Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство, која се одржа во Стопанската комора на Северна Македонија. На седницата присуствуваа и директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Јован Деспотовски, директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дејан Павлески, како и претставници од други министерства и Владини агенции и дирекции кои обработуват теми поврзани со странските инвестиции.

Вицепремиерот потенцираше дека Владата континуирано работи на подобрување на климата за водење на бизнис во земјата, преку креирање на соодветни стретегии, политики, програми и конкретни мерки со кои се подобрува конкурентноста на економијата и компаниите и се работи на создавање на услови за побрз и одржлив економски раст и развој.

„Сите стратегии, политики и мерки ги донесуваме во инклузивен процес, вклучувајќи ги сите засегнати страни. За нас како Влада е особено важно да ги слушнеме и разбереме потребите на стопанството и на граѓаните и токму по однос на тие потреби да ги димензионираме владините политики. Само мерки кои се носат преку широки консултации, носат вистински резултати”, посочи Битиќи во воведното излагање пред претставниците на странските компании кои работат во земјата.

Преку директна комуникација со вицепремиерот Битиќи, присутните имаа можност да ги претстават предизвиците со кои се соочуваат при нивното работење и да се дискутираат евентуални решенија кои би биле во заеднички интерес на сите страни.

На состанокот се дискутираа предизвиците со кои се соочуваат странските компании, поврзани со влијанието на глобалната економска криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19, прашања поврзани со царинскиот тарифник и со даночниот систем, за недела неработен ден, како и други прашања од тековното работење на странските компании.

Владините претставници изразија подготвеност за изнаоѓање на соодветни системски решенија со кои дополнително ќе се помогне на стопанството за побрзо надминување на последиците од кризата предизвикана од пандемијата, но и за понатамошното унапредување на условите за водење на бизнис во насока на остварување на целите на Владата за привлекување на нови странски и домашни инвестиции и поттикнување на нови инвестиции од странските и домашни компании, а со тоа да се овозможи побрз и одржлив економски раст и развој и подобрување на животниот стандард на граѓаните.

Слични содржини