Битиќи во посета на Алкалоид: Успехот на домашните компании е успех за целата држава

од Берта Китинска

Заменикот на претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, реализираше работна посета на компанијата Алкалоид Скопје, каде оствари средба со генералниот извршен директор и претседател на Управниот одбор, Живко Мукаетов, кој ги презентираше историјатот и развојните планови на компанијата и заеднички извршија обиколка на дел од производствените погони.

Вицепремиерот Битиќи го честиташе јубилејот – 85 години од постоењето на Алкалоид, при што посочи дека успехот на домашните компании, претставува успех за целата држава. Компаниите, со нивните производи се репрезенти на државата на меѓународните пазари и колку е поголем асортиманот на производи и нивниот квалитет, толку повеќе Република Северна Македонија станува препознатливо место за добра бизнис клима и конкурентна локација за реализација на нови инвестиции, на домашни и на странски компании.

„Да се опстои на домашниот и меѓународните пазари 85 години е навистина успех, а тој успех не би бил можен, доколку Алкалоид не ги следи светските трендови во фармацевтската индустрија и постојано вложува во технолошки развој, во своите вработени и во создавање на нови квалитетни производи, со кои го зголемува обемот на производство и приходите. Ние како Влада, сме среќни кога имаме можност да ги поддржиме развојните планови на компаниите, имаме многу механизми со кои тоа го правиме, затоа што знаеме дека тоа ќе донесе бенефит не само за таа конкретна компанија, туку и за нејзините вработени, за нови вработувања, генерално за целата економија. Компанијата Алкалоид има склучено договор со Владата преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите вo 2018 година, со кој превидуваат петгодишен инвестициски циклус и во три години веќе се вложени 23,4 милиони евра, а како поддршка од Владата, за мерките од договорот, во овие три години кумулативно се исплатени 3,58 милиони евра. Секоја компанија која инвестира во развој на производството и на вработените, може да ја искористи поддршката од Владата преку Законот”, посочи вицепремиерот Битиќи на средбата со генералниот директор на Алкалоид, Живко Мукаетов.

Од Алкалоид информираа дека се посветени кон постојан раст и развој на компанијата, како на домашниот, така и на меѓународните пазари. Инвестициите во нови производни линии не застанаа ниту во периодот на пандемијата, вложени се над 11 милиони евра во комплетирање на одделението „Пакување на цврсти форми”, со нови линии на површина од 7.000м², со кое ќе се овозможи зголемување на капацитетите за производство за околу 50%, односно од претхдниот капацитет од 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

Во разговорот со вицепремиерот Битиќи , Мукаетов посочи дека компанијата во моментов ги пласира своите производи на над 40 пазари, а во 2020 година е остварена добивка од околу 19 милиони евра, што е за околу 15% повеќе во однос на 2019 година, а воедно бројот на вработени во 2020 година е зголемен за 210 лица. Алкалоид продолжи со својот развој и во 2021 година, пришто во првата половина од годината веќе се реализирани нови 58 вработувања и се бележи двоцифрен, во проценти, раст на добивката во однос на првата половина од 2020 година.

Слични содржини