Битиќи: Доаѓањето на „Јагео“ е резултат на добри политики за креирање на предвидлива бизнис клима

од Nikola Popovski

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи ја поздрави инвестицијата на тајванската компанија, Јагео.

-Северна Македонија ја добива најголемата инвестиција од осамостојувањето, компанијата „Јагео“ во нашата земја ќе вложи повеќе од 200 милиони евра и ќе отвори 3.900 работни места во следните неколку години. Доаѓањето на оваа инвестиција е резултат на добри политики за креирање на предвидлива бизнис клима која е важна за инвеститорите, доверлив партнер кој го имаат во Владата, членството во НАТО кое носи дополнителна стабилност и сето ова без скапи роад шоа, без потрошен ниеден денар од граѓаните, порача Битиќи.

Тој потенцира дека ова резултираше и со историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра, за претходната 2022 година.

-Инвеститорите кои доаѓаат во земјава, остануваат и ги шират своите бизниси, го зголемуваат бројот на вработени и креираат додадена вредност за нашата економија. Добрите економски политики на оваа влада носат зголемен економски стандард за нашите граѓани, стабилни и добро платени работни места и простор за зголемување на нивната конкурентност на пазарот на труд, истакна вицепремиерот.

Јагео е водечка мултинационална компанија за производство на електронски компоненти, која има силно глобално присуство и свои производствени и продажни капацитети во Азија, Европа и Америка со 40.000 вработени ширум светот.

Електронските компоненти кои ги произведуваат и кои што се еден од светските најдобри производители за чип-отпорници и тантал кондензатори се користат за авионската и автомобилска индустрија, 5G и телекомуникации, индустрија, медицина, управување со енергија, зелена енергија и слично.

Слични содржини