Канадскиот бизнисмен со македонско потекло Крис Павловски, кој работи заедно со тимот на новиот американски претседател Доналд Трамп, објави дека и Македонија е дел од земјите од Западен Балкан за кои вели дека „биле киднапирани од невладини организации и УСАИД“.
-Македонија исто така е киднапирана од левичарски невладини организации и УСАИД. Ова може да им заштеди на Американците 290 милиони долари“, напиша Павловски на „Х“, означувајќи го и Илон Маск во објавата.
Wow, Macedonia has also been hijacked by left wing NGO’s and USAID. $290 million can be saved for Americans.
cc: @elonmusk @DOGE https://t.co/sm8jrrFUNS
— Chris Pavlovski 🏴☠️ (@chrispavlovski) February 4, 2025
Крис Павловски, бизнисмен со македонско потекло, е основач и извршен директор на интернационалната компанија „Рамбл“ (Rumble). „Рамбл“ вклучува и видео-сервис каде се префрли и Трамп и неговата корпорација откако добија забрана на Јутјуб.
-Директно од аеродром на состанок, напиша премиерот Христијан Мицкоски на својата фејсбук-страница, објавувајќи ја информацијата дека првата средба што ја имал по пристигнувањето во Вашингтон, САД, каде што присуствуваше на инаугурацијата на новиот американски претседател била токму со Павловски.
Павловски беше присутен и во земјава кога во јули 2024 година дојде во посета на тогашната новоизбрана Влада предводена од премиерот Мицкоски. Тогаш од „Илинденска бр.2“ информираа дека на средбата се разговарало за можностите за соработка во дигиталниот сектор и дигиталните реформи кои треба да ги спроведе нашата држава со цел да се подобрат услугите кон граѓаните и поедноставување на нивниот живот, фокусирајќи се на дигиталната слобода и трансформација на македонското општество.
Трамп веќе издаде наредба за замрзнување на речиси целата странска помош, истакнувајќи дека администрацијата ќе ги прегледа трошоците за да се осигура дека средствата се во согласност со неговата политика „Америка на прво место“.
Поддршка за преместување на УСАИД во состав на Стејт департментот изрази и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом, Брајан Маст, кој изјави дека е потребна „повеќе команда и контрола“ врз агенцијата.
Администрацијата на Трамп ги продолжи реформите во Агенцијата за меѓународен развој (УСАИД) претходниот викенд. Десетици вработени се испратени на административно отсуство. Според американските медиуми, Трамп има намера да ја стави агенцијата под контрола на Стејт департментот.
УСАИД е независна владина агенција основана од Конгресот во 1961 година и има приближно 10000 вработени ширум светот. Таа е главната агенција за меѓународна помош на американската влада и добива десетици милијарди долари годишно од Конгресот за финансирање програми во некои од најсиромашните земји во светот. Овие програми вклучуваат ублажување на сиромаштијата, здравствени програми, помош при катастрофи и програми за промовирање на демократијата и одбрана на човековите права.