Блинкен ги повика државите да издвојат уште 2 милијарди долари за „Ковакс“

од Vladimir Zorba

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, денеска апелираше до другите земји да вложат уште две милијарди долари во програмата „Ковакс“, за испорака на вакцини против коронавирусот до најсиромашните земји во светот, во време кога богатите земји веќе земаа поголем дел.

Повикот на Бликен дојде на ден кога САД беа домаќини на еднодневна конференција на која беа собрани стотици милиони долари од владите и филантропските групи за понатамошно помагање на механизмот „Ковакс“, кој претходно доби околу 6,3 милијарди долари.

Во последниве месеци, програмата започна да снабдува милиони дози вакцини во 92 земји со ниски и средни примања. Светската здравствена организација (СЗО) постојано го осудуваше недостатокот на правичност во дистрибуцијата на вакцините, а богатите земји како САД ги собраа повеќето дози.

Шведскиот премиер Стефан Левен рече дека неговата земја го зголемува својот придонес кон „Ковакс“ од 20 на 280 милиони долари, што е најголемо ветување и најави споделување на дозите со земјите корисници на програмата.

Покрај 17 милиони новозеландски долари (околу 12 милиони долари), Нов Зеланд ќе донира вакцини за повеќе од 800.000 луѓе, изјави премиерот Jaсинда Арден.

„Гави“, здружението за вакцини со седиште во Женева, кое ја координира програмата „Ковакс“, рече дека денес се собрани околу 400 милиони долари, со цел да се обезбедат 1,8 милијарди дози за програмата оваа година.

Пристапот до вакцините, кој е ограничен поради залихите на некои богати земји и ограничувањата на производството, во моментов е поважен од парите.

И покрај тоа, програмата „Ковакс“, која работи под покровителство на СЗО и УНИЦЕФ, се надева дека ќе има на располагање две милијарди дози до крајот на оваа година.

Блинкен ги пофали напорите на програмата „Ковакс“, чија цел е да се вакцинираат 20 проценти од населението во погодените земји, но рече дека дополнителни две милијарди долари можат да обезбедат имунизација на 30 проценти од населението во земјите што се снабдуваат преку таа програма.

За да се победи пандемијата, според Блинкен, не е доволно само да се зголеми процентот на вакцинирани, туку и да се произведат побезбедни и поефикасни вакцини и да се дистрибуираат набрзина.

Тој не најави нови американски фондови, но посочи дека администрацијата на Бајден во март инвестирала 2 милијарди долари во „Ковакс“ и дека истата сума ја планира до 2022 година.

Слични содржини