Блинкен побарал од Радев да се забрзат евроинтеграциите на С. Македонија

од Nikola Popovski

Бугарскиот претседател Румен Радев денеска остварил телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, во кој што се разговарало и за евроинтеграциите на Република Северна Македонија, информираат од прес-службата на шефот на бугарската држава.

„Исто така, се дискутираше и за европската перспектива на Албанија и Република Северна Македонија, при што Ентони Блинкен изрази очекувања за забрзување на процесот на евроинтеграција за нашиот југозападен сосед. Заеднички став беше дека ова е во интерес на стабилноста и безбедноста не само во регионот, туку и во Европа. Шефот на државата потсети на нашата постојана поддршка за членството на Република Северна Македонија и повика на одржливи и неповратни резултати во градењето добрососедски односи, како и за строго почитување на копенхашките критериуми, што ќе го забрза процесот на усвојување на Рамка за преговори на ЕУ, за нашиот југозападен сосед“, пренесуваат бугарски медиуми.

Во разговорот, Радев ги оценил санкциите од САД кон поединци и компании во Бугарија како силен знак за поддршка на аспирацијата на бугарските граѓани за воспоставување демократија, правда и транспарентност. Блинкен, пак, рекол дека ова е придонес на САД во борбата против корупцијата, како и во зајакнувањето на демократијата и унапредувањето на потенцијалот на бугарската економија.

За разговорот преку социјалните мрежи се огласи и Блинкен. Тој не сподели многу детали, но споменува дека разговарале и за Западен Балкан.

Слични содржини