Блокада поради новиот сој на корона: Летовите од Африка се прекинати, се огласи и ЕУ

од Nikola Popovski

Сè повеќе земји во Европа и светот воведуваат рестриктивни мерки против одредени африкански земји поради откривањето на новиот сој на коронавирусот. Во исто време, Европската комисија им предложи на земјите-членки да го прекинат воздушниот сообраќај од регионот на Јужна Африка.

Франција ги суспендира сите летови од јужниот дел на Африка на 48 часа, изјави францускиот министер за здравство, Оливие Веран.

Шпанија, исто така, ќе ги ограничи летовите од Јужна Африка и Боцвана, според министерката за здравство Каролина Даријас, поради загриженоста од новиот сој на Ковид-19 што се појави таму.

„Ќе видиме за другите земји, но засега ги има тие две“, рече таа за државната ТВЕ.

Даријас не соопшти детали кога ќе стапат на сила рестрикциите, но за следниот вторник е закажана владина седница на која би биле одобрени ваквите мерки.

„Исто така, наскоро ќе усвоиме резолуција … според која патниците од земјите со висок ризик треба да обезбедат, покрај вакцинацијата, или ПЦР-тест или антигенски“, додаде таа.

Јапонија од полноќ ќе ги зајакне граничните контроли за луѓето кои пристигнуваат од шест африкански земји.

Оние кои пристигнуваат од Јужна Африка, Есватини, Зимбабве, Намибија, Боцвана и Лесото ќе мора да поминат низ 10-дневен карантин во сместување одредено од владата, им рече на новинарите генералниот секретар Хироказу Мацуно.

Италија воведе забрана за влез за лица кои во последните 14 дена посетиле група јужноафрикански земји, вклучително и Јужноафриканската Република, поради ширење на нова варијанта на Ковид 19.

Чешката Република исто така забрани пристигнување од Јужноафриканската Република и другите африкански земји со цел да се спречи ширење на нова варијанта на коронавирусот, изјави чешкиот министер за надворешни работи Јакуб Кулханек, јави Танјуг.

Индија издаде совет до сите земји ригорозно да ги тестираат и прегледуваат патниците кои доаѓаат од Јужна Африка и другите земји со висок ризик поради новиот сој, означен како B.1.1.529.

Ограничувања на летовите воведоа и Израел, Данска, Мароко, Филипините, Малезија, Сингапур и Бахреин.

Се огласи и ЕУ

Во исто време, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, објави дека Европската комисија им предложила на земјите-членки да го прекинат воздушниот сообраќај од регионот на Јужна Африка за да се спречи ширењето на вирусот, пишува „Гардијан“.

Таа рече дека е важно Европа да остане обединета и да дејствува брзо и одлучно по прашањето за појавата на новиот на коронавирусот.

„Сите авионски патувања во овие земји треба да бидат суспендирани додека не се разбере јасно за опасностите што ги носи оваа нова варијанта. Патниците кои се враќаат од овој регион исто така треба да ги почитуваат строгите правила за карантин“, рече таа во видео пораката.

Претседателката на ЕК изјави дека освен со земјите-членки, за мерките за запирање на новата варијанта на вирусот разговарала и со научниците и со фармацевтската индустрија.

Таа потсети дека фармацевтските компании се обврзале во договорите со ЕУ да ги приспособат вакцините на новите варијанти на вирусот, но истакна и дека контролата на пандемијата зависи од граѓаните и нивните одговорности.

„Вакцинирајте се што е можно поскоро, доколку веќе не сте го направиле тоа. Покрај тоа, следете ги познатите правила за да се заштитите. Бустер дозите ќе ви дадат уште подобра заштита“, изјави Урсула фон дер Лајен.

 

 

Слични содржини