BMW 3.0 CSL од 750.000 евра пристигнува во ноември

од Stefanija Kuzmanovska

На крајот на јуни, шефот на BMW M, Френк ван Мел, со неколку тизер слики потврди дека легендарниот 3.0 CSL навистина се враќа, а сега некои извори споменуваат дека неговата промоција ќе се одржи во текот на ноември.

Автомобилот ќе дебитира пред крајот на оваа година, како кулминација на прославата на 50-годишнината на М дивизијата. 2022 година веќе беше година со настани бидејќи ги видовме M4 CSL и M3 Touring, но претстои уште повеќе бидејќи новиот M2 и серискиот XM пристигнуваат пред BMW 3.0 CSL.

Според сигурни извори, модерниот еквивалент на 3.0 CSL (Competition Sport Lightweight) ќе се базира на M4 CSL, но со неколку важни промени. За почеток, се очекува да го изгуби осум-брзинскиот автоматски менувач во корист на шест-брзински мануелен, додека ја задржува конфигурацијата на погонот на задните тркала.

Некои извори наведуваат дека BMW M планира шестцилиндричен мотор со околу 600 коњски сили. Тоа би претставувало скок од 50 КС над M4 CSL.

Сè уште нема информации за вртежниот момент, но моторот S58 генерира 650 Nm помеѓу 2.750 и 5.950 вртежи во минута во M4 CSL. Покрај тоа, BMW 3.0 CSL ќе биде за 75 kg полесен од M4 CSL, додека до 100 km/h ќе забрзува за 3,5 секунди.

Моделот 3.0 CSL со погон на задни тркала само со рачен менувач ќе има каросерија во ретро стил, најверојатно инспирирана од концептите 3.0 CSL и 3.0 CSL Hommage R од пред неколку години. Дури и под шарената камуфлажа, автомобилот не може да ги скрие големото крило и спојлерот на покривот.

Иако „бубрежната“ решетка е прилично голема, таа е помалку поларизирачка во споредба со другите модели на М4. Двојните кружни доводи за воздух се очигледно враќање на оригиналниот 3.0 CSL од 1970-тите.

Како што обично се случува со слични проекти, производството ќе биде исклучително ограничено. Се споменува дека ќе бидат изградени само 50 автомобили, од кои 30 единици ќе останат во Европа, а осум ќе бидат испорачани во Азија. Се уште не се знае каде одат преостанатите 12 возила, но се знае дека ниту едно нема да дојде во САД.

Производството треба да започне во ноември, а првите автомобили ќе бидат испорачани на почетокот на следната година.

Што се однесува до цената, 3.0 CSL би требало да чини 750.000 евра.

Слични содржини