BMW го најави iX1 електричниот кросовер за крајот на годинава (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba

Оваа година се очекува премиерата на новата генерација на X1, која ќе има и plug-in хибридна верзија, но BMW потврди дека веднаш по ова ќе пристигне и целосно електричната варијанта наречена iX1. Баварскиот гигант го објави и првиот тизер за кросоверот со кој го открива дизајнот на предниот дел на автомобилот.

Цртите на iX1 ги покажуваат агресивните фарови со аголни LED графики, голема решетка со споени „бубрези“ и вертикални отвори за воздух на браникот нагласени во сина боја, слично како кај освежениот iX1. Ова исто така е најава и за конвенционалниот X1 кој се очекува да ги споделува поголемиот дел од каросериските панели со iX1, секако без ЕВ карактеристиките на предните и задните браници.

Зборувајќи на годишната конференција на BMW, Оливер Ципзе, Претседател на Бордот на директори во BMW, истакна дека iX1 ќе пристигне кон крајот на 2022 година. Тој откри дека поставата на X1 ќе ги наследи најновите технологии за конективност заедно со знаменосецот XM и престојниот фејслифтови на Серија 3 и X7.

Според одредени информации iX1 ќе добие дигитална контролна табла со Curved Display екранот со Operating System 8, со механички сличниот Серија 2 Active Tourer. BMW го опишува iX1 како простран, а сепак компактен, потврдувајќи ги шпекулациите за зголемен простор во кабината, во споредба со актуелниот X1.

Иако не е позната моќноста на целосно електричниот погон, потврдено е дека BMW iX ќе биде опремен со петтата генерација на eDrive технологијата, а опсегот на движење се очекува да биде меѓу 410 и 440 километри.

BMW е подготвен да ја прошири својата постава со 15 целосно електрични модели во 2022 година, со што ќе покрие 90 проценти од актуелните сегменти. Следниот чекор ќе биде Neue Klasse платформата наменета за електрични автомобили која ќе пристигне кон средината на оваа декада.

Слични содржини