Бочварски: Ценовникот за инженерски услуги успешно усвоен, обезбедуваме достојна и правична валоризација на инженерскот труд

од Vladimir Zorba

Министерството за транспорт и врски, заедно со Комората на овластени архитекти и овласти инженери, е силно посветено во носењето на уште една нова, многу важна реформа за инженерската фела.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска присуствуваше и се обрати на Собранието на Комората на овластени архитекти и овласти инженери, каде беше усвоен Ценовникот за висината на минималниот надомест за извршените архитектонски и инженерски услуги.

Ова претставува клучен документ кој ќе обезбеди достојна и правична валоризација на инженерскиот труд, како и поквалитетна проектна документација.

„Чест и задоволство ми е што и јас како член на Комората, денеска сум дел од овој свечен настан и дадов придонес за донесување на овој историски документ. Ценовникот на кој заедно со Комората работевме во изминатиот период конечно ја доби својата финална форма и тој претставува клучен документ со кој се заокружува еден дел од процесите, со кои треба да се обезбедат подобри услови за работа на сите нас инженерите. Сакам да потенцирам дека еден ваков документ кој интердисциплинарно ги поврзува сите инженерски професии секогаш треба да биде предмет на надградба, унапредување и усогласување со современите текови во инженерството на само кај нас, туку и во светски рамки. Но, најважно е дека првиот чекор е направен. Сакам да им честитам на сите за учеството во изготовката и верифицирањето на овој толку посакуван и очекуван Ценовник.“ – истакна во своето обраќање пред присутните министерот Бочварски.

Тој исто така истакна дека очекува Комората во најскоро време да го достави и нацрт текстот за Ценовник за нискоградба и линиски инфарструктурни објекти, кои пак се од особено значење за државата. На тој начин ќе се заокружи процесот на донесување на акти кои ќе ги регулираат состојбите за сите класи на градби согласно законската регулатива.

Министерството за транспорт и врски останува силно посветено на унапредување на градежниот сектор и во преземање мерки и иницијативи во насока на подигнување на достоинството и квалитетот на професијата, како и во насока на подобрување на квалитетот на проектната документација.

Слични содржини