Бочварски: Изградивме социјална зграда во Свети Николе, следува јавен оглас за распределба на становите

од Vladimir Zorba

Социјалната зграда во Свети Николе е завршена и пред рокот, во периодот што следи ќе се распише јавен оглас за распределба за социјално ранливите категории граѓани од Свети Николе, истакна министерот Благој Бочварски кој заедно со градоначалникот на општината Сашо Велковски извршија увид на завршениот објект.

Зградата е со вкупно 48 станбени единици, за што ЈП за стопанисување за станбен и деловен простор од значење за Републиката преку Министерството за транспорт и врски инвестираа 66 милиони денари.

Становите се наменети за лица од социјален ризик, а распределбата ќе се изврши по електронски пат.

“ Драго ми е што во најбрз можен рок ја завршивме зградата во Свети Николе за да овозможиме 48 социјални семејства да добијат кров над глава. Сите технички процедури се завршени, останува зградата да се запише во Катастар и да се објави јавен оглас за распределба на становите. Ова е начинот како оваа Влада води грижа и за најранливите категории граѓани на кои ова им е најпотребно. Привршуваме со социјалната зграда во Виница и Пробиштип односно активно работиме на изградба на вкупно 661 стан во девет општини, изјави министерот Благој Бочварски.

Тој најави дека се започнува изградба на нова социјална зграда и во Кочани.

За градоначалникот Сашо Велковски, изградбата на оваа социјална зграда е одособено значење за решавање на станбеното прашање на доволен број на социјално загрозени семејства во Свети Николе.

Слични содржини