Бочварски: Владата инвестира преку 50 милиони денари за санација на улиците во Штип

од Vladimir Zorba

Започнавме со уште еден квалитетен проект за Штип, а тоа е реконструкција на три улици во градот. Од денеска започнуваме со реконструкција на улицата Панче Караѓозов, а во наредните денови реконструкција и на главната крстосница во населбата Сењак, на улиците Сремски фронт и Борис Крајгер, за што вкупно во оваа фаза инвестираме 21 милион денари, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при денешниот увид во реконструкција на улица Панче Караѓозов во Штип.

Овој проект се реализира преку Министерството за транспорт и врски, во соработка со општината, а во рамки на проектот за поврзување на локалните патишта во општините што го реализира Владата со вкупно 70 милиони евра.

“Денеска се наоѓаме на почетокот на градежните работи на улица Панче Караѓозов. И јас и градоначалникот знаеме колку е значајна реконструкцијата на оваа улица, бидејќи тоа беше едно од најгласните барања на жителите што живеат во овој дел на градот. Очекувам од денеска натаму силни градежни работи и во најбрз можен рок завршување со реконструкција на улиците.
Од тука, сакам да најавам дека во следната фаза, исто така преку Министерството за транспорт и врски, ќе се реконструираат уште три улици и тоа улицата 5-та Бригада, улицата Браќа Даневи и улицата Солидарност, со вкупна инвестиција од 33 милиони денари, за што веќе обезбедивме средства”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Градоначалникот Сашко Николов потенцираше дека ова е значаен проект за Штипјани и најави нови капитални проекти во градот.
“Направивме трајно решение сo целосна реконструкција на каналот и продолжуваме на асфалтирање на целата улица задно со тротоарите.
Со детален проект завршивме комплетна реконструкција на атмосферскиот канал долг 311 метри. За нашата општина од суштинска важност е секоја улица, без разлика дали е мала или голема, таа да биде функционална”, изјави градоначалнкот на општина Штип, Сашко Николов.

Слични содржини