Бочварски во Тирана на Самитот за патишта на Западен Балкан

од Vladimir Zorba

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски е во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде присуствува на Самитот за патишта на Западен Балкан во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница. Покрај министерот Бочварски на Самитот присуствуваат и министрите за транспорт и инфраструктура на Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина.

На Самитот министерот Бочварски потпиша Декларација за патишта со која се обврзуваат земјите од Западен Балкан да создадат паметна, безбедна и одржлива патна инфраструктура, како дел од единствената транспортна мрежа на Европската Унија.

Декларацијата подразбира воспоставување сет на мерки за подигнување на безбедноста на патиштата како и воведување на интелигентни системи кои ќе обезбедат повисоко ниво на ефикасност на транспортниот систем во целина.

Во своето обраќање министерот Бочварски ги потенцираше инвестициите во доизградба и модернизација на Коридорите 8 и 10, како и воспоставувањето на сигурен и безбеден транспорт преку формирање на Агенцијата за безбедност и воспоставувањето на Интелигентните транспортни системи на Коридор 10.

„Воспоставувањето сигурен и безбеден транспортен систем е еден од нашите приоритети и вклучува подобрување на безбедноста во сообраќајот, воведување на информатички технологии и имплементација на интелигентни транспортни системи во транспортниот сектор. Една од позначајните активности на Министерството за транспорт и врски е формирање на Агенција за безбедност на патиштата кое ќе ги креира, координира, иницира и управува активностите и мерките во областа на безбедноста на патиштата. Очекуваме телото да биде формирано до крајот на оваа година и на овој начин се приклучуваме на иницијативата на Европската Унија за намалување на бројот на несреќи на патиштата. Исто така очекуваме до крај на 2024 година целосно да го имплементираме ИТС системот на Коридор 10.“ – изјави министерот Благој Бочварски.

Во рамки на Самитот министерот Бочварски оствари билатерална средба со министерот за инфраструктура, градежништво и сообраќај на Република Србија, Момировиќ.

На средбата двајцата министри разговараа за отворањето на заедничката железничка станица како и потенцијалите на карго транспортот долж Коридорот 10.

Слични содржини