Бочварски за „Локално“: Доизградбата на патниот и железничкиот Коридор 8 е клучен капитален проект од национално значење

од Vladimir Zorba

Доизградбата на патниот и железничкиот Коридор 8 за нас претставува клучен капитален проект од национално значење. Особено сега кога со нашите партнери од регионот и Европа успеавме овој Коридор да го интегрираме во коридорот на Западен Балкан. Ова е силен доказ и силен поттик за нас уште поинтензивно да работиме на негова изградба и модернизација, вели во интервју за Локално Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.

Буџетот на Министерството, вели тој, е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на изградба на патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, гасификација и станбената политика.

-И покрај последиците од светските кризи кои ги почувствувавме во нашата земја, инфлаторните влијанија во однос на цените на градежните материјали, обезбедивме континуитет на сите проекти и тоа така ќе продолжи и наредната година, посочува Бочварски.

За реализацијата на капиталните проекти, министерот е на мислење дека таа „тече со силно темпо“ и дека дури и надвор од градежната сезона, „целата механизација работи активно на сите проекти“.

– Ова го потврдуваме со фактот дека историски гледано оваа година, во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, реализацијата на капиталните инвестиции ги надминува сите претходни години. За да биде појасно за граѓаните, сакам да направам една паралела со 2014-2015-2016 година, кога реализацијата на капиталните инвестиции се движеше околу 17-18 милијарди денари. Оваа година нашите очекувања се дека реализацијата ќе биде преку 25 милијарди денари, што е за над 40% повисока во однос периодот на претходната власт, истакнува Бочварски за „Локално“.

На прашањето за гасификацијата на земјата, категоричен е дека тоа е приоритетен проект за Владата, за што и во буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година предвидени се средства за завршување на кракот од Скопје кон Тетово и Гостивар.

-Би сакал да напоменам за уште еден многу значаен проект кој очекувам да започне со изградба наредната година, а тоа е изградбата на интерконекторот со Грција, со што добиваме уште еден значаен алтернативен приклучок на гас, а Северна Македонија станува транзитна земја за пренос на овој многу значаен енергенс, додава министерот.

Министерството за транспорт и врски за следната година доби буџет од околу 324 милиони евра, што е за 135% зголемување од оваа година. Ако тргнеме од тоа дека најголем дел од средствата се наменети за реализација на капиталните проекти, се наметнува прашањето дали овој пат можеме да очекуваме надминување на досегашните проблеми и забрзување на нивната реализација?

– Буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година е проектиран на ниво од 324 милиони евра, од кои 308 милиони евра или 95 проценти од вкупниот буџет се расходи наменети за капитални проекти. За наредната година имаме развоен буџет, со крупни инфраструктурни и капитални проекти, кои значат поттикнување на економскиот раст. Буџетот на Министерството е проектиран да обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции во делот на изградба на патната и железничката инфраструктура, комуналната инфраструктура, гасификација и станбената политика. Примарен фокус ставаме на изградбата на автопатските делници и железницата на Коридорите 8 и 10-Д, како и на санација на локалната патна мрежа низ целата држава, каде до сега опфатиме околу 130 локални патишта во 61 општина. И покрај последиците од светските кризи кои ги почувствувавме во нашата земја, инфлаторните влијанија во однос на цените на градежните материјали, обезбедивме континуитет на сите проекти и тоа така ќе продолжи и наредната година. Би сакал да потенцирам дека само оваа година пуштивме во употреба два нови експресни патишта, експресниот пат Штип – Радовиш и експресниот пат Штип – Кочани, со кои значително го подобривме инфраструктурното поврзување на источниот дел од земјата и придонесовме кон безбедноста при патувањето. Годинава капиталните инвестиции ги надминуваат дури и годините кога претходната власт се фалеше со многу силна реализација на проектите и во времиња кога не бевме соочени со светска економска и енергетска криза, што е силен доказ за нашата активност и посветена работа. Реализацијата на сите започнати проекти тече со силно темпо и тоа така ќе продолжи и во наредната 2023 година.

Ветувањата се дека следната година ќе заврши изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Дали се веќе изготвени пресметки за конечната сума средства потребна за финализирање на овој долгоочекуван проект?

– Продолжуваме со силна динамика на изградба на автопатска делница Кичево – Охрид. Проблемите со кои бевме соочени се веќе надминати, завршивме со асфалтирање на првата цевка на најголемиот тунел во државата, а паралелно се финализираат постапките на експропријација на новите површини кои се јавија со репроектирањето. Имаме силен прогрес на градежните работи, а тоа се чувствува по целата траса каде што и кон крајот на месец декември се уште се вршат асфалтерските работи. Вкупната цена на проектот е 598 милиони евра и тоа е цената предвидена за изградба на овој капитален проект, за кој имаме должност пред граѓаните да ги решиме сите проблеми, да го комплетираме и да го ставиме во функција.

Во план е и подобрување на транспортот на граничните премини. Што се превзема на ова поле и колкави се шансите за намалување на чекањата на транспортните компании, или барем на оние кои доаѓаат од земјите на Отворен Балкан?

– Концептот „Отворен Балкан“ носи значајни придобивки за нас и за земјите од целиот регион и веќе дава успешни резултати, забрзан е протокот на стоки и услуги. На граничниот премин Табановце, со Република Србија, имаме воведено „зелен коридор“ за побрз проток во транспортниот транспорт, а исто така воведовме и “едно застанување на граница“ за возилата и за побрзо поминување на граничниот премин од страна на граѓаните и компаниите, преку поедноставени царински и гранични процедури. Дополнително со реконструкцијата и новопоставените кабини и рампи, покрај подобрување на условите за работа се овозможува истовремено работење на граничните полициски службеници од двете држави, помеѓу Северна Македонија и Србија, што дополнително влијае на забрзување на протокот на патнички и товарни возила кое е особено важно во тек на туристичката сезона. На граничниот премин Табановце функционираат 5 ленти за патнички, 2 за товарни возила и една за автобуси, а во моментов се работи на прилагодување на уште две ленти за влез на патнички моторни возила. Во контекст на овие подобрувања и олеснувања на процедурите на граничните премини би сакал да известам за еден податок, односно за поединечните и ЦЕМТ транспортните дозволи издадени од Министерството за транспорт и врски. Имено, во однос на искористеноста на поединечните транспортни дозволи за 2022 година, веќе бројката надмина 58 илјади дозволи, што значи дека мерките носат резултати, бројката на дозволи е зголемена за речиси 20% во однос на изминатите години, додека во однос на ЦЕМТ транспортните дозволи за наредната година имаме предвидено 1.680 годишни ЦЕМТ дозволи, што е за 17% повеќе од оваа 2022 година и за 20% повеќе во однос на месечните ЦЕМТ дозволи. Нашите транспортни компании ги искористуваат поволностите, транспортот бележи нагорен тренд и очекувам тоа да продолжи. Сакам да нагласам дека нашата крајна цел е полноправно членство во Европската унија каде македонските граѓани и транспортни компании дополнително ќе го почувствуваат бенефитот на слободно движење, проток на стоки и услуги без никакви бариери.

Се чини дека јавноста најмногу регираше на веста за интензивирање на работите за завршување на Коридорот 8. Колку сте оптимист во однос на овој проект, и до каде се работите на терен?

– Доизградбата на патниот и железничкиот Коридор 8 за нас претставува клучен капитален проект од национално значење. Особено сега кога со нашите партнери од регионот и Европа успеавме овој Коридор да го интегрираме во коридорот на Западен Балкан. Ова е силен доказ и силен поттик за нас уште поинтензивно да работиме на негова изградба и модернизација. На овој Коридор во однос на патната мрежа во овој момент го градиме автопатот Кичево – Охрид, додека на источниот крак го рехабилитиравме патниот правец Куманово – Страцин, а градиме и нов експресен пат од Ранковце до Крива Паланка. Наредната година, доколку успееме да постигнеме договор со компанијата Бехтел, ќе започне реализацијата на уште 4 автопатски делници на Коридорот 8, доизградба на автопатот Тетово – Гостивар, изградба на автопат од Гостивар до Кичево и од Требениште, преку Струга, до граничниот премин Ќафасан, со што комплетно ќе го поврземе главниот град Скопје, преку модерни автопати, со границата со Република Албанија кај Струга и делницата Прилеп до Битола. Во однос на железницата на Коридорот 8, оваа година започнавме со реализација на најголемиот капитален проект во железницата во последните 30 години, изградбата на пругата кон Република Бугарија, која ќе се гради во 3 фази и за која инвестиција планираме да вложиме повеќе од 600 милиони евра. Првите 2 фази се започнати да се реализираат, градежните активности веќе течат, а средствата се целосно обезбедени. Со исто темпо и иста цел продолжуваме и наредната 2023 година, доизградбата на Коридорот 8 тече во континуитет и ние правиме се што е во наша можност тоа да го оствариме што поскоро за нашите граѓани. Сите овие активности од наша страна дадоа сериозни аргументи за одлуката на ЕУ подигнување на Коридор 8 на ниво на главен коридор на Западен Балкан и секако клучна беше поддршката и заедничкиот пристап кон ова прашање на Северна Македонија, Албанија, Бугарија и Италија. Ова е силна и значајна придобивка за државата за прв пат на полето на транспортот да се вкрстат два главни коридори на ЕУ во нашата држава.

Потребата од поголема гасификација во државата останува горливо прашање. На кои проекти се работи во оваа област и можете ли да ги идентификувате главните пречки за нејзино побрзо и поуспешно имплементирање?

– Стратешките проекти за државата се реализираат. Гасификацијата значи придобивка за граѓаните, за компаниите, за индустриските зони, а секако има големо влијание и за заштита на животната средина. Оваа енергетска криза сите не натера побрзо да транзитираме кон други извори на енергија, веруваме дека со изградбата на гасоводот во државата значително ќе влијаеме врз намалување на трошоците на компаниите и граѓаните. Во овие услови на светска енергетска криза, битката за поевтни енергенси и поевтина електрична енергија се засилува. Гасификацијата е приоритетен проект за нас како Влада за што и во буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2023 година предвидовме средства за завршување на кракот од Скопје кон Тетово и Гостивар. На почетокот на декември заедно со Претседателот на Владата, Ковачевски, бевме во Кавадарци каде беше заварена последната цевка на гасоводот Неготино – Кавадарци – Прилеп – Битола со што комплетно е завршена трасата во должина од 92 километри. Во изминатиот период успешно е завршена реализацијата на делницата Штип -Неготино 36 километри, а во завршна фаза е делницата Скопје – Тетово – Гостивар која изнесува 76 километри и се очекува многу наскоро да заврши. Би сакал да напоменам за уште еден многу значаен проект кој очекувам да започне со изградба наредната година, а тоа е изградбата на интерконекторот со Грција, со што добиваме уште еден значаен алтернативен приклучок на гас, а Северна Македонија станува транзитна земја за пренос на овој многу значаен енергенс.

Последно објавените алармантни податоци за пад на градежништвото од 9,1% само ги потврди состојбите од изминатите неколку години во кои овој сектор регистрира негативен тренд. Од таму побараа подршка од Владата преку неколку мерки. Што се превзема во оваа насока, особено ако се има предвид дека станува збор за сектор кој вработува над 50.000 работници?

– Реализацијата на капиталните проекти тече со силно темпо. Како што може да се види на терен во текот на целата година, дури и надвор од градежната сезона, целата механизација работи активно на сите проекти. Ова го потврдуваме со фактот дека историски гледано оваа година, во услови на најголемата светска економска и енергетска криза, реализацијата на капиталните инвестиции ги надминува сите претходни години. За да биде појасно за граѓаните, сакам да направам една паралела со 2014-2015-2016 година, кога реализацијата на капиталните инвестиции се движеше околу 17-18 милијарди денари. Оваа година нашите очекувања се дека реализацијата ќе биде преку 25 милијарди денари, што е за над 40% повисока во однос периодот на претходната власт. Силната градежна офанзива во изградба на автопатските делници, експресните патишта, реконструкцијата на регионалните и магистралните патишта, како и рехабилитацијата на локалната патна мрежа, максимално ги става во погон речиси сите градежни капацитети во земјата, а така продолжуваме и наредната 2023 година, каде предвидовме значајни средства за доизградба на започнатите проекти, но и на започнување на многу нови. Реализацијата на националната инфраструктурна стратегија е наш приоритет, тоа што го ветивме го остваруваме, граѓаните да бидат сигурни дека проектите продолжуваат да се реализираат во континуитет и со предвиденото темпо. Силно се залагаме за искористување на сите технички и човечки капацитети за да се изгради квалитетна инфраструктура и да се обезбеди високо ниво на реализација на капиталните инвестиции како услов за зајакнување на домашната економијата и тоа преку градежниот сектор.

Поедноставените постапки за поставување на фотоволтаични електроцентрали за на кров почнаа да ги даваат првичните резултати. Колку граѓани до сега започнаа постапки за поставување на фотоволтаични централи на своите кровови?

– Транзицијата кон зелена енергија е примерен фокус и потреба. Направените законски измени за поедноставување на процедурите за поставување фотонапонски електроцентрали на кровови веќе ги носат посакуваните резултати, што особено ме радува. Добиваме самоодржливи домаќинства и компании, но и го помагаме централниот електро – енергетски систем. Постојано сме во комуникација со локалните самоуправи и веќе добиваме сигнали дека интересот кај граѓаните и кај компаниите е во пораст, што според мене значи дека сме направиле одлична работа со поедноставување на процедурите. Ова е наједноставна постапка за поставување на фотоволтаици која содржи само неколку чекори. Наместо претходната процедура за која се чекаше и по триесетина дена за административна постапка, денес ова е скратено на само 1 ден. Во ваква глобална криза за енергија покажавме дека сме подготвени да делуваме брзо и навремено и секако да ги вклучиме сите можности кои ни стојат на располагање со цел да им помогнеме на граѓаните. Убеден сум дека целиот државен апарат и системот на градењето го модифицираме и го прилагодивме на времето во кое живееме, а со тоа носиме позитивни политики и мерки за сите граѓани и компаниите. Министерството за транспорт и врски веќе започна кампања за промоција на овие процедури, со цел да ги информираме сите граѓаните одблиску за големите придобивки кои ги носат овие мерки. До сега имав средба со граѓани во неколку општини низ земјата, а со промотивната кампања продолжуваме и во наредниот период.

К.В.С.

 

Слични содржини