Boeing ќе прави авион во метаверзумот

од Vladimir Zorba

Нема да ни треба авион за да патуваме во метаверзумот, но на производителите на авиони можеби ќе им треба метаверзум, за да ги изградат големите превозни средства, со кои патуваме.

Boeing планира да го направи токму тоа: да користи мета-технологија за производство на авиони. Визијата на компанијата е за тридимензионални и сеопфатни 3D инженерски проекти изведени од роботи, кои комуницираат меѓу себе, додека механичарите од целиот свет ги набљудуваат моделите преку очила за метаверзум.

Амбицијата на Boeing е да ги комбинира големите операции за дизајн, производство и услуги во еден дигитален екосистем за само две години, пишува Channel News Asia.

Критичарите велат дека Boeing дал многу такви смели ветувања за дигитална револуција во производството – но со мешани резултати. Според луѓе запознаени со ова прашање, сеопфатните цели за подобрување на квалитетот и безбедноста бараат промени – затоа што во последните години стана императив да се подигне „летвата“ во изградбата на авиони.

Производителот на авиони влегува во 2022 година, се бори да го врати имиџот по кризата со 737 MAX. Затоа програмата за производство преку средствата на метапросторот е од големо значење. А влогот е голем – околу 15 милијарди долари.

„Се работи за зајакнување на инженерството“, изјави главниот инженер на Boeing Грег Хислоп за „Ројтерс“ во неговото прво интервју по речиси две години. „Зборуваме за промена на начинот на кој работиме во целата компанија“.

Од друга страна, по години на жестока пазарна конкуренција, сега се отвора нов фронт во ривалството меѓу Boeing и европскиот производител Airbus. Извршниот директор на компанијата, Гијом Форие, вети дека ќе „измисли нови производствени системи и ќе ја користи моќта на податоците“ за да го оптимизира индустрискиот систем на производителот.

Истовремената остра дигитализација на двата авионски гиганти е симбол на дигиталната револуција што се случува ширум светот. Но, како може метапросторот да биде од корист за авијацијата?

Светиот грал за авиокомпаниите е следниот нов авион да биде дизајниран и изграден со помош на виртуелни тридимензионални „дигитални близнаци“ – дигитални копии на авионот и производствениот систем кои можат да вршат реални симулации.

Решението изгледа ветувачко бидејќи се проценува дека околу 70% од проблемите со квалитетот на авионот произлегуваат од дизајнот. Boeing верува дека алатките како што е метаверзумот ќе бидат клучни за да се донесе нов авион на пазарот за само четири или пет години.

„Ќе добиеме брзина, ќе добиеме подобар квалитет, подобра комуникација и подобра реакција кога ќе се појават проблеми“, вели Хислоп. Кога сето ова ќе биде присутно, „ќе следат и финансиските резултати“.

Слични содржини