Богатите земји повлекоа 18 трилиони долари заеми во 2020 година… и не се грижат како ќе ги вратат

од Берта Китинска

Владите во богатите земји позајмија 18 трилиони долари од пазарите во 2020 година, поставувајќи историски рекорд. Каматните стапки се исто така на историски ниски нивоа како резултат на набавките од централните банки, како и на недостатокот на загриженост кај инвеститорите за нивото на задолженост, пишува The Wall Street Journal.

 

Растот на продажбата на обврзници во првата година од пандемијата беше двојно поголем од нивото на финансиската криза, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Во 2020 година немаше зголемување на каматните стапки, за разлика од периодот по распадот на „Леман брадерс“.

 

Земањето нови заеми ја одразува потребата од невидени нивоа на помош и за работниците и за компаниите погодени од ограничувачките мерки против вирусот. Но, тоа исто така ја потенцира поголема доверба на политичарите, инвеститорите и економистите во врска со нивото на јавниот долг.

 

„Од финансиската криза научивме дека владите не треба да ја повлекуваат поддршката прерано“, рече Фатос Коц, аналитичар на ОЕЦД.

 

Во годишниот извештај, организацијата наведува дека 37-те земји-членки повлекле 18 трилиони долари – за 6,8 трилиони повеќе од 2019 година

 

Во исто време, 80% од овие обврзници минатата година имаа каматни стапки под 1%, во споредба со 37% една година порано. Повеќе од 20% од продадените обврзници во 2020 година имаа поврат под нулата за инвеститорите – што значи дека тие им плаќаат на владите да позајмуваат пари.

 

По длабоката рецесија на кризата во 2008 година, голем број влади започнаа фискална консолидација поради стравувањата дека пазарите ќе започнат да не бидат задоволни од високото ниво на јавен долг.

 

Загриженоста не се реализираше и пазарите останаа мирни бидејќи централните банки беа подготвени да купат обврзници и да ги стабилизираат пазарите кога е потребно.

 

По почетокот на пандемијата, имаше малку приврзаници на фискалното штедење, а дебатата не беше дали да се земат заеми, туку колку треба. Голем број економисти сега велат дека владите не треба да брзаат да ја повлечат поддршката и дека високите нивоа на долг се одржливи, сè додека се врати растот, а централните банки продолжуваат со набавки. Доколку економскиот раст е поголем од каматните стапки, владите ќе можат да ги намалат своите долгови со текот на времето, без да ја менуваат приходната или расходната страна на нивните буџети.

 

ОЕЦД проценува дека централните банки се стекнале со 4,5 трилиони долари обврзници во 2020 година, од кои повеќе од половина биле издадени од влади. Исклучени се од пресметката обврзниците, издадени за покривање стари долгови со приближување на рочноста.

 

Според организацијата, во 2021 година ќе бидеме сведоци на зголемување на кредитите, иако со побавно темпо. Голем дел од растот ќе дојде од САД, каде претседателот Џо Бајден поддржува пакет од 1,9 трилиони долари за да се стимулира економијата. Големината на пакетот предизвика дебата меѓу економистите за можноста американската економија да се прегрее и да генерира зголемена инфлација. Поголемата инфлација ги принудува инвеститорите да бараат поголеми приноси.

 

Стапките на американски обврзници се зголемија во последните неколку недели, поради загриженоста на инвеститорите, иако претседателот на ФЕД, Џером Пауел, оваа недела изјави дека на краток рок не се очекува значителна промена во нивото на цените.

Слични содржини