Богдановиќ: Кај поранешна „Треска” ќе има зеленило, монтажен паркинг и градинка

од Берта Китинска

Советот на Општина Центар го усвои Заклучокот, со кој се одлучи по пат на јавен конкурс да се уреди локацијата кај поранешна „Треска”. Што значи тоа во практика, за тоа како јавниот конкурс ќе се усогласува со постојниот ГУП и ДУП, за заложбите да се работи во интерес на граѓаните, за „Слободен печат“ зборува првиот човек на Центар, Саша Богдановиќ. Тој одговара и на обвинувањето дека конкурсот е само легален параван зад кој се кријат бизнис-интереси.

-На тој простор во претходен план од 2012 година, според ГУП има вцртано нула проценти зеленило. Сè се згради, кои јас ги викам наполитанки, коишто се само бетон и ништо повеќе. Овој концепт што сега го размислуваме и кој очекуваме да произлезе во едно дефинитивно конкурсно решение, ќе даде нов облик на планирање, односно ќе даде можност да се задоволат потребите и параметрите што ќе произлезат од ГУП, но и да се вградат некои принципи со кои ние се бориме.Јас како пример ќе го наведам  планот за Пролет каде што  ги зголемивме зелените површини што претходно ги немаше, направивме простор за катна гаража, односно монтажен паркинг за паркирање и фактички придонесовме не во интерес на некој друг, туку за тоа што им треба на граѓаните – да имаат повеќе слободен простор и повеќе простор за паркирање. Вцртавме и за првпат да има градинка. Пролет е населба стара повеќе од педесет години и никој досега не се сетил да вцрта градинка. Истото ќе се случува и кај „Треска“ и кај сите други планови што ги носи Општина Центар, вели Богдановиќ.

Богдановиќ посочи дека  архитектите ќе кажат на колкава висина ќе бидат објектие за да се добие простор за зеленило.

– Тоа ќе си го кажат архитектите за да ги задоволат параметрите. Ако ние, на пример, форсираме дека 20 отсто зеленило треба да има на градежна парцела, мора да има. Е, сега, архитектот ќе треба според знаењето, според условите, да се искаже на тој простор, изјави  Саша Богдановиќ.

Слични содржини