Богдановиќ: „Никофон“ брза да гради бидејќи сериозно ги покажуваме прекршоците

од Aleksandar Todeski

По барање на адвокатот на сопственикот на „Никофон“, Никола Настески, општина Центар имала неколку обиди да постигне договор со фирмата за обештетување, со цел земјиштето на кое треба да се гради катна гаража да остане паркинг и да не се гради деветкатница, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

„Имавме средба по барање на адвокатот на Настески, јас бидејќи сум лично заинтересиран, бидејќи имав историја со тоа, бев директор на ПОЦ, имавме некои немили настани со него, рековме ајде да седнеме да разговараме. Една од идеите беше да се најде начин за обештетување. Претпоставувам дека тоа му излегдало несериозно на него, но јас не можам да го диктирам темпото, имавме усни разговори и неколку дописи, на крајот тој рече дека сака да гради“, рече градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ по изјавата на Никола Настески, сопственикот на „Никофон“ за Локално, дека пред еден месец ги прекинале преговорите со општината поради несериозност.

Тој смета дека во нивната сериозност за да ги покажат прекршоците, Настески бил предизвикан да започне со градба. Богдановиќ тврди дека има и други недостатоци, бидејќи има само еден влез, а за катни гаражи треба да има влез и излез. Вели дека има и други промени за кои смета дека треба да се истражи кој и како менувал одредби за да се гради.

Градоначалникот ги презентираше и документите кои Обвинителството дополнително ги побарало од општината, односно 72 списи во 2016 година, а во 2019 година, од кога стопанисуваат со земјиштето, доставиле списи до МВР, одделот за сузбивање.

„Додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт не ни го даваа земјиштето. Сега ги преземавме овие земјишта и почнавме да ги наоѓаме сите маани и недостатоци за кои сметаме дека институциите треба да постапуваат. Граѓаните претходно за тоа земјиште поднесоа кривична пријава, а поднесовме и ние. Јас имам конкретни документи кога до тогашниот градоначалник, Андреј Жерновски добил покана да се јави во просториите на ОЈО во својство на сведок, а осомничени се ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, екс градоначалникот на Центар, Владимир Тодоровиќ и експремиерот Никола Груевски. Градоначалникот Жерновски испратил претставник и општината постапила по барањата, а што и како се случило со нашите дописи не знаеме“, рече Богдановиќ.

Тој смета дека ако се покренат постапките, ќе дојде до правата слика што и како се правело. Смета дека брзото и насилничко градење не е поддржано од општината и дека тоа ќе остане слика за ненормалното владеење на претходната власт.

„Во тој дел се изградија многу објекти од „Скопје 2014“ и поради насилничкото градење имаат проблем со ставање во употреба на тие објекти. Плановите беа носени во доцните часови, а сега тие се нефункционални, се плашам дека ќе останат споменик за неразумно и ненормално владеење“, рече Богдановиќ.

Најголемиот сомнеж на општина Центар е начинот на кој е донесен Деталниот урбанистички план и брзината со која се продало земјиштето во Голем Ринг.

„На 5.4.2012 година е донесен Деталниот урбанистички план, а по 18 дена, што за нас е чудно и сомнително, бидејќи откако ќе донесете ДУП, од 15 до 30 дена треба за усогласување со Катастар. Нас ни укажува дека претходно биле некои работи договорени. За 18 дена донеле план, картирање и спроведување на јавен повик. Го имаме изводот на 12.4.2012 година, односно седум дена по носењето. Намената е со Е2, која согласно Службен весник станува збор за гаражни куќи или катни гаражи. Во Службен весник на 21 март 2012 година, има цена од 5.600 денари за Е2 намени, а бидејќи тука станува збор за Б и Е2 категории, кога ќе се спојат, се доаѓа до сума од над 5.000 денари, која требало да биде почетна цена. На јавниот повик се воведени условите, а започнат0 е со цена од 1.850 денари, а е запишано Е2 намена. Нејасно е како Министерството за транспорт и врски успеало почетната цена од 1.850 денари, што дава основен сомнеж дека ако имало повисока цена во државната каса ќе се слеале повеќе пари“, истакна градоначалникот Богдановиќ.

Имало и сомнително снемување на интернет кај еден од учесниците во јавното наддавање, случај за кој имало и приговор, но никогаш не се реагирало.

„Еден од учесниците во јавното наддавање поднел приговор бидејќи во моментот кога се поднесувало електорнското наддавање случајно или не, снемал интернет, но никогаш не добил одговор од министерството за транспорт и врски за приговорот. Ние бараме повторно да се отвори овој случај, бидејќи поради аномалиите може договорот и дозволата да бидат поништени и земјиштето да се врати на општина Центар“, додаде Богдановиќ.

Тој побара да се издаде времена мерка за прекин на градба, со цел да не се случи несакана штета бидејќи има недоистражени работи во случајот.

„За да не се случи несакана штета, а да останат работи неистражени, сметаме дека треба да се истражи побрзо и да се даде времена мерка, на крај да се знае дали ние ја зборуваме вистината или некој друг. Ние го затекнавме случајот со веќе продадено земјиште, но грешките ги наоѓаме и сакаме да ги исправиме грешките“, рече градоначалникот Саша Богдановиќ.

Александар Тодески

Слични содржини