Богоев: Луѓе со сомнителна политичка заднина го нападнале вработениот во Општина Карпош

од Aleksandar Todeski

Урбаната заедница „Кузман Јосифовски-Питу“ во Општина Карпош од место каде што требаше да се одржи Јавна расправа за ДУП-от во делот кај Трнодол се претвори во крвава пресметка од сомнителни лица, кои заедно со жителите во Трнодол беа на расправата. Уште пред да успее да почне расправата, беше нападнат службеник на Општината, по што се одложи истата, а наместо тоа, полицијата правеше увид на местото.

Фото: Борче Поповски

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев за Локално вели дека лажните вести довеле до вечерашниот хаос кој настана при обидот да се отпочне оваа Јавна расправа за ДУП-от.

„Имало конфликт меѓу две групи на луѓе, тоа се луѓе од Козле, кои сакале планот да се донесе и дел од Трнодол кои не сакале. Потоа, овие од Трнодол, кои се сомнителни со политичка заднина го нападнале вработениот од Општина Карпош, правник од урбанизам, кој бил дојден да се презентира планот, а го нападнале и му го скршиле телефонот. Ако има елементи, ќе си поднесе соодветна пријава. Ова е резултат на лажните вести кои се појавуваа на портали деновите, а јас ги демантирав, но истите предизвикале да дојдат и луѓе кои не се од Трнодол“, рече Богоев.

Фото: Локално

На расправата беше присутен и Ранко Петровиќ алијас Ранко Бубамара, сопственик на Радио Бубамара и главен организатор на „Златна Бубамара на популарноста“, но и Филип Спасовски, сопственик на печатницата „Полиестердеј“, на која опозициската ВМРО-ДПМНЕ и должи по одржаните претседателски избори. Петровиќ за Локално изјави дека тој бил присутен затоа што е жител на Трнодол.

„Нешто што е многу едноставно од Општината го направија многу комплицирано. Најчовечки им беше кажано на присутните што се партиски или слично да излезат, бидејќи се знаеме кои сме од Трнодол, имаме проблем со куќите, кој сакаме да го решиме. Наместо тоа, се случи насилство“, рече тој.

Инаку расправата која требаше да се одржи од 15:30 минути не почна, бидејќи прво жителите се жалеа дека во салата во „Кузман Јосифовски-Питу“ нема место за нив, бидејќи дури лица почнале да доаѓаат уште од 15 часот. Кратко по обидот да започне расправата, настана тепачката, по што дојде и полицијата, која вршеше увид.

Градоначалникот Богоев претходно рече дека нема да има никаква нова населба над Трнодол, отфрлајќи ги сите лажни вести за истото. Тој рече дека согласно измените, целосно ќе се заштити делот меѓу патот за Трнодол и патот за Жданец, т.н. „чатал“, кој ќе биде со намена Д2 – заштитно зеленило, дел кој претходно бил со намена Д1 – парковско зеленило, како и дека ќе го исполни и предизборното ветување за нов парк, а како што напомена, со предлог ДУП-от се спречува т.н. „дебармаализација“ на Трнодол.

Александар Тодески

 

Слични содржини