Богоев-Мекарти во Вашингтон: Со отворени финансии до поодговорни институции

од Берта Китинска

Борбата против корупцијата се води на сите нивоа, а постојат повеќе механизми како граѓаните да го следат трошењето на буџетските средства и на тој начин да се враќа довербата во институциите. На оваа тема посебно се обрна внимание на средбата меѓу членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев и директорот за Европа на Меѓународниот републикански институт (IRI), Пол Мекарти.

Заложбата на IRI е концептот на „Отворени финансии“ да се применува и на локално ниво. Имено, преку оваа платформа се објавуваат трансакциите на локалната самоуправа и нивните буџетски институции. Јавноста има информации за назив на буџетски корисник од кој е извршено плаќањето, видот на трошокот согласно економската класификација, примач на средствата, на кој ден е реализирано плаќањето и сл.

Богоев како градоначалник на една од централните општини изрази подготвеност за интегрирање на оваа веб платформа во Карпош. Во изминатиов период СДСМ постојано работи на зголемување на транспарентноста на институциите и ставање на увид на јавноста на што е можно повеќе информации. Отвореноста на институциите придонесе носителите на јавните функции да бидат поодговорни, да се намали корупцијата и да се враќа довербата во институциите, која беше целосно изгубена во минатите години. Токму, Министерството за финансии е институција во која функционира платформата „Отворени финансии“ (https://open.finance.gov.mk/mk/home).

На средбата се разговараше и за последните чекори кои нашата држава ги презема за полноправно членство во НАТО, како и за очекувањата за добивање на датум за преговори со Европската Унија.

Оваа работна средба е во пресрет на Националниот молитвен појадок во Вашингтон, на кој учествува и членот на Извршниот одбор на СДСМ и градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев.

Слични содржини