Богојески: Георгиевски нуди пазарџиски купи-продади метод, македонскиот идентитет не е на продажба!

од Nikola Popovski

Промоторот на Македонски концепт, Петар Богојески остро реагира на изнесеното предлог решение за решавање на македонско-бугарскиот спор од страна на поранешниот премиер Љупчо Георгиевски. Богојески очекува од него многу повеќе и посуштински. Но според Богојески, очигледно коалицијата со СДСМ има влијание врз него и му наметнале „купи ден помини“ стил на политика.

„На Македонија и на Бугарија им е неопходно конечно решение. Не празни приказни кои проблемите ги оставаат под тепих за повторно да ескалираат за неколку години, обично на штета на нашата страна. Тоа конечно решение е оставинска постапка, расчистување со наследството на бугаризмот на територијата на Македонија и помирување со македонизмот. Изградбата на историскиот наратив во прилог на македонската државност е многу, многу посеопфатен од “епохата на бугаризмот” во Македонија.

Господин Георгиевски нуди пазарџиски купи продади метод, а македонскиот идентитет не е на продажба!

Георгиевски заборавил на правилото на реципроцитет во односите помеѓу земјите. Ако ние треба да дадеме гаранции дека нема да поддржуваме македонски активности во Бугарија, тогаш тие треба да дадат гаранции дека нема да поддржуваат бугарски активности во Македонија. “Еднонасочна љубов не е љубов, туку опцесија на еден партнер. Тоа Георгиевски сигурно го знае”, вели Богојески.

Од „Македонски концепт“ информираат дека знаат дека на господин Георгиевски му е близок српскиот рецепт на решавање на етничките прашања на Балканот.

„Тоа го видовме во 2001 година и потоа во соработката со премиерот Зоран Џинџиќ. Но за Македонија и Македонците тоа е неприфатливо. Господине Георгиевски, српските сценарија да си ги зачувате за вас и вашиот коалиционен партнер.

Идејата да се маркираат историски личности и настани за продажба, а Бугарија да ги цензурира нашите учебници е целосно скандалозна. Единствено внимание заслужува предлогот да се разоткријат нарушувањата на човечките права за време на комунизмот, да се соопшти вистината за убиени и прогонети семејства кои не биле по вкус на тогашниот режим, кое јас го надоградувам со предлог за репатријација на прогонетите од Македонија и враќање на македонско државјанство на нивните наследници.

Љубчо Георгиевски очигледно сеуште живее во минатиот век и тврди дека “се криеле биографиите” на македонските војводи. Тоа е смешно. Денес на интернет има повеќе од доволно да прочитаме и за дивите племиња од Амазон, а не пак за македонските војводи.

Предлог решението за јазикот е толку подводливо и наивно, што просто зачудува како може лингвист по професија како Георгиевски, да понуди такво нешто. Георгиевски треба да разбере дека користењето на кирилицата при писмено изразување на народниот македонски говор не е користење на бугарски јазик. Најважно, бугарски јазик користат само оние кои биле образувани или вработени од Кнежество/ Царство Бугарија, но не и останатите Македонци и интелектуалци. Кирилицата не е бугарска своина, туку сеопшто историско и културно наследство на сите Словени на планетата Земја, поклонето од Константинопол за нас“, потенцира Богојески.

На чуден начин Геориевски заборава на македонскиот сепаратизам. И политички и културолошки, стои во соопштението.

Слични содржини