Богојески: Ќе издејствуваме промена на политичкиот систем, граѓаните ќе бидат во Парламентот

од Nikola Popovski

Петар Богојески од „Македонски концепт“ за отвореното студио на ТВ 24 изјави дека сака да ги праша актуелните политичари што направиле во последните 30 годии.

„Постојано беа министри во владите на ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ и сакам да ги прашам што тоа направија за да имаат образ повторно да се појават, особено професорката Силјановска-Давкова. Таа ветува право и правда, а она беше министер во најнеправедната и најкриминалната влада, а тоа е транзициската влада на Бранко Црвенкоски. Таа докажа дека министрите можат да направат приватен бизнис и да ја злоупотребат позицијата министер“, вели Богојески.

Според него, треба да се остават на страна приказните, програмите, ветувањата и проектите.

„Време е да издејствуваме промена на политичкиот систем, на изборниот модел и граѓаните да бидат во Парламентот. Ние сме граѓанска листа и со нашето влегување во Собранието тоа ќе биде вистинско народно Собрание. Гласајте за нашите листи и бројот 10, затоа што ние сме единствена граѓанска листа и опција“, изјави Богојески.

За него, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ нема да имаат во овие избори повеќе од три пратеници разлика и клучен фактор за создавање на новата влада ќе биде токму Македонски концепт.

Слични содржини