Борба за Влае како инспирација за борбата за Скопје

од Vladimir Zorba

Зошто на Скопје му се случува урбан холокауст? Зошто зградурини продолжуваат да никнуваат како печурки после дожд на секоја слободна површина, против секоја логика на простор и инфраструктура? Зошто градежната мафија продолжува забревтано во походот за гушење на градот и неговите жители?

Одговорот на овие прашања е комплексен, и вклучува повеќе аспекти. Само по себе ова е предуслов за нерешавањето на овој проблем, бидејќи не само што го отежнува лоцирањето на виновниците преку феноменот на дисперзија на одговорноста, туку и добива карактер на Хидра, која за секоја пресечена глава добива три нови. Од сам почеток, било кој херој што ќе се спротивстави на ова чудовиште е свесен дека има минимални шанси за победа.

Но, за хероите и нивната улога во општествените текови, малку подоцна. Првата пречка за решавање на проблемот е воедно и најапстрактна, изложувајќи го самиот првобитен грев: неолибералната филозофија како начин на живот, во која невидливата рака на пазарот го дразни поривот за акумулирање секогаш поголем профит. Конкретно, оваа филозофија се манифестира преку двата столба на слободниот пазар – понудата, која ја контролираат градежните компании, и побарувачката, која ја претставуваат граѓаните.

Оставена сама на себе, во согласност со највисокиот неолиберален идеал, оваа дијада претставува меур кој непрекинато се шири. Во него компаниите градат френетично, исклучувајќи било какви други принципи, ако се контрадикторни на намерата за максимизација на профитот. Граѓаните, кои доселени од надвор, кои со имотнофамилијарни аспирации, се обидуваат да го максимизираат нивниот животен простор, и
хоризонтално и вертикално.

Сето ова ни е веќе познато, и никој не се бори против неолибералната пракса, бидејќи таа е веќе имплементирана во сите домени на реалноста и во нашата свест, како единствен начин за функционирање на едно општество.

Тука доаѓаме до вториот аспект на проблемот, кој веќе некако можеме да го структурираме во нашите умови за да бидеме способни да замислиме борба против него. Тоа е власта, во овој случај локална, чија основна задача е да ги штити колективните интереси од доминација на приватните. Меѓутоа ова не се случува, затоа што власта е составена од луѓе кои исто така имаат приватни интереси, лесно експлоатирани од оние со многу пари. Ова е суштината на поимот корупција.

Поради тоа што тука, за разлика од првиот аспект, на јавноста и е очигледно како треба да функционираат работите, и зошто не функционираат (најпосле, неолиберализам е далеку потежок поим за дефинирање од корупција), се јавуваат првите изблици на незадоволство. Во тој момент, доаѓаме до две прашања: зошто речиси секогаш тие изблици остануваат само на ниво на фрустрација, и како да ги канализираме во вистински
граѓански отпор.

Ако профитерите се првиот, а властите вториот, ова е третиот аспект на основниот проблем. На многу начини, овој проблем е најдеморализирачки, бидејќи не постои никаква очигледна пречка за организација на отпорот. И кога тоа изостанува, тоа што останува се само меѓусебни обвинувања дека не не бива, ниска ни е свеста, мрзливи сме, и егоистични. И понатамошно тонење.

Ако ситуацијата се посматра во фиксен момент, тогаш ова е вистината. Но ако сето ова се гледа како процес, на кој влијаат бесконечно многу фактори кои не сме можеле да ги контролираме, тогаш останува простор дека овој дефетистички аргумент може да биде побиен. Затоа што исто така, покрај деструктивните фактори, постојат и други, кои ги интегрираат позитивните искуства, и ги истакнуваат херојските аспекти на индивидуата како контратежа на колективниот цинизам.

Ваков фактор е иницијативата Борба за Влае, најновата артикулација на граѓански активизам и можеби единствената светла точка во локалната политика во моментов во Скопје. Оваа група се формираше со цел да застане на патот на неолибералните шеми и корумпираните политичари, како единствен начин за спасување на урбаната функционалност, естетика и секако, животна средина во оваа скопска населба. Досега, Борба за Влае успеа за кратко време да ги алармира локалците за подготовката на пекол од ДУП во режија на Стевчо Јакимовски и партиските паразити во неговиот џеб, и да ги запознае со начините за борба против оваа коалиција.

Почетниот успех на иницијативата се должи на повеќе фактори. Најпрвин, основачите на групата се активисти со претходно искуство, особено со градоначалниковиот модус операнди. Но, ова искуство не е толку големо за да ги бирократизира и претвори во “активисти по вокација”, како најголемиот дел од НВО секторот кој се занимава со истата тематика. За разлика од него, БЗВ не само што има кредибилитет, туку и инвентивен стил на комуникација која варира меѓу информирање и мобилизирање. Тој стил го овозможува балансот од неопходни детали во врска со процесот за носење ДУП, и искрена едноставност на пораката: Влае е наше, не на Стевчо, и не на неговите партнери.

Најбитно од се, основната премиса на Борба за Влае е дека граѓаните мораат да бидат вклучени во сите активности. Затоа и организираат собири, за запознавање, дискусија и енергија. Ова е никулец на директната демократија, која е единствениот метод за конечен пораз на монструозната спрега на политиката и бизнисот. Нема томови од експертски анализи, тим билдинг работилници, апликации за грантови. Само партиципација, делиберација и акција, по тој редослед. Не во канцеларии, туку надвор, на улица. Од тоа се плаши Стевчо.

Ако Борба за Влае продолжи на овој начин ќе стане бастион на отпорот против самоволието и корупцијата, но и темплејт за борбата за Скопје, која неуспешно се води со години. Улогата на хероите е да инспирираат со својата искреност, упорност и знаење, но сами не можат да ја уништат Хидрата. На борбата за Влае и Скопје потребни сме сите ние, инспирирани од оние кои можат да седат на страна, но не го прават тоа.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини