Борел: ЕУ е загрижена за здравствената состојба на Навални

од Vladimir Zorba

Европската унија (ЕУ) денеска изрази „длабока загриженост“ за здравјето на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој штрајкува со глад во затвор, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и повика на негово итно и безусловно ослободување.

Борел ги повика руските власти веднаш да му овозможат на Навални пристап до „лекарите во кои има доверба“ и додаде дека властите се одговорни за неговата безбедност и здравје.

Апсењето и притворањето на Алексеј Навални е решено „од политички причини“ и е во спротивност со обврските на Русија да ги почитува човековите права, рече Борел.

„Случајот Навални не е изолиран и го потврдува негативниот тренд на намалување на просторот оставен на опозицијата, граѓанското општество и независните гласови во Русија“, додаде високиот европски функционер.

Навални (44) штрајкуваше со глад пред повеќе од три недели во знак на протест дека затворските власти не му дозволија да биде прегледан од приватен лекар поради болки во грбот и губење на чувствителност на нозете.

Лекарот кој го прегледа Навални неодамна рече дека неговата здравствена состојба нагло се влошува.

Слични содржини