Борел: Глобалните предизвици не можат да се решат без Кина

од Vladimir Zorba

Европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел на пленарната седница на Европскиот парламент во средата истакна дека „глобалните предизвици“ не можат да се решат без учество на Кина, но дека Унијата мора да инсистира на своите вредности.

„Не можеме да избегнеме соработка, но мора да бидеме цврсти во нашите вредности“, рече Борел во дебатата на пленарната сесија на Европскиот парламент за кинеските контрасанкции против европратениците и европските субјекти.

„Ние мора да работиме со Кина, имајќи предвид дека постои и системско ривалство затоа што нашите системи се различни“, додаде тој.

Сепак, шефот на европската дипломатија истакна дека Кина е „клучен економски и политички играч со кој е потребна постојана соработка“.

„Без Кина, глобалните проблеми не можат ефикасно да се решат – од борбата против климатските промени и пандемијата, до пучот во Мјанмар, иранскиот нуклеарен договор или глобалниот баланс на силите“, рече тој.

Европската унија на крајот на март воведе санкции против четворица кинески официјални лица и една државна компанија за вмешаност во кршење на човековите права на Ујгурите, муслиманско малцинство во најзападната кинеска провинција Синџијанг. Унијата не вовела санкции кон Кина од масакрот на плоштадот Тјенанмен во 1989 година.

Наскоро Пекинг одговори со воведување санкции за пет европратеници, тројца членови на националните парламенти, двајца научници и четири европски ентитети. Пекинг ги обвини за „злонамерно ширење лаги и дезинформации за Кина“.

Воведени се санкции против Политичкиот и безбедносен комитет на Советот на Европската унија, Поткомитетот на Европскиот парламент за човекови права, Германскиот институт Меркатор за кинески студии и Данскиот сојуз на демократии.

„На Кинезите им е тешко да разберат што значи слободно изразување на парламентарците“, рече Борел, изразувајќи „целосна солидарност“ со оние против кои Кина воведе санкции.

Слични содржини