Борел и Вархеји од денеска во земјава

од Nikola Popovski

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји од денеска ќе бидат во посета на Македонија.

Борел и Верхеји денеска и утре ќе имаат средби со највисоки државни претставници, соопштија од Европската унија.

Борел, според агендата, денеска ќе се сретне со премиерот Димитар Ковачевски, а утре ќе претседава со Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и земјава, каде Македонија ќе ја претставува премиерот Ковачевски, а Европската комисија ќе ја претставува комесарот Оливер Вархеји.

По Советот, во 11:30 часот ќе следи заедничка прес-конференција.

За време на посетата, Борел, како што е најавено, ќе оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои и со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и со претседателот на Собранието, замениците-претседатели, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието на Северна Македонија.

На крајот од посетата, на 18 март, Борел во Охрид ќе организира средба меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на кои ќе им се придружи и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Вчера и во текот на денов, во Тирана европските претставници, меѓу другото, имаа средба и ќе разговараат со премиерот на Албанија, Еди Рама, а по таа средба ќе се одржи седницата на Советот за стабилизација и асоцијација, дванаесетта по ред меѓу оваа земја и Европската комисија, прва во која ќе претседава Албанија, а во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Слични содржини