Борел и Вархеји: Војната во Украина буди живи спомени, сеќавањето на геноцидот во Сребреница е должност

од Vladimir Zorba

Претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Оливер Вархеји, по повод 27-годишнината од геноцидот во Сребреница објавија дека масовните убиства и воените злосторства во Украина „поттикнуваат живи спомени“ на оние од војните на Западен Балкан во 1990-тите и дека сеќавањето на геноцидот во Сребреница, како дел од заедничката европска историја, е повеќе од должност.

„Европа не заборави што се случи во Сребреница и сопствената одговорност бидејќи не можеше да го спречи и запре геноцидот“, наведуваат европските претставници и додаваат дека Европа потфрли во Сребреница.

Високиот претставник на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика, Жозеп Борел и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји, додадоа дека неоправданата агресија на Русија против Украина ја врати бруталната војна на европскиот континент.

„Во овие опасни времиња сакаме да видиме дека Босна и Херцеговина напредува во помирувањето, надминувајќи го наследството од минатото и решително напредува на патот на европската интеграција“, се наведува во соопштението.

„Политичките лидери мора да ги претворат зборовите во дела. Тие треба да изберат вистина, правда и соработка наместо страв и омраза за да го надминат трагичното наследство од минатото и да изградат посветла и попросперитетна иднина за идните генерации“, се додава.

Борел и Вархеји истакнаа дека „во Европа нема место за негирање на геноцидот, ревизионизмот и глорификацијата на воените злосторници“.

Слични содржини