Борел со порака до Белорусија: Одбијте го руското нуклеарно оружје или ќе следат нови санкции

од Nikola Popovski

Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел ја повика Белорусија да не прифаќа руско нуклеарно оружје на своја територија и порача дека во спротивно може да се соочи со нови санкции.

-Белоруското складирање на руското нуклеарно оружје би претставувало неодговорна ескалација и закана за европската безбедност. Белорусија сè уште може да го спречи, тоа е нивен избор, а Европската унија е подготвена да одговори со воведување нови санкции, напиша Борел на својот Твитер профил.

Префрлувањето на тактичко нуклеарно оружје во Белорусија во саботата го најави рускиот претседател Владимир Путин, кој изјави дека тоа не ги нарушува обврските од договорот СТАРТ, бидејќи САД веќе го направиле тоа со пренесување на своето нуклеарно оружје во други земји.

Според него, изградбата на складиште за тактичко нуклеарно оружје во Белорусија се очекува да биде завршена на 1 јули.

Москва веќе го префрли во Минск системот „Искандер“, кој може да користи нуклеарно оружје, потсетува ТАСС.

Слични содржини