Борел со рок: Ако спорот меѓу Скопје и Софија не се реши до 30-ти јуни, ќе имаме длабока криза во регионот

од Nikola Popovski

Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жозеп Борел вечерва изјавил дека поставува временска рамка за решавање на спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, а тоа е до крајот на француското претседателство, на 30 јуни.

По состанокот на Советот на ЕУ, на кој присуствуваа и шефовите на дипломатиите на западнобалканската шесторка, Борел потенцирал дека ако не се реши спорот до крајот на француското претседателство, „ќе имаме сериозна криза во односите со земјите од Западниот Балкан, и ќе продолжиме да вршиме притисок врз двете страни да се изнајде решение“.

Тој потсети и дека Северна Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, се целосно усогласени со надворешната политика на ЕУ и со санкциите на ЕУ против Русија, како и дека Северна Македонија и Албанија се наоѓаат на списокот на непријателски земји на Москва.

Тој тврди дека руската пропаганда и дезинформации се широко распространети на Западен Балкан и предупредува дека во оваа ситуација неутралниот статус на земјите кандидати за членство во ЕУ не е во согласност со нивната европска иднина.

Борел посочил дека ЕУ „разбира“ дека на Западен Балкан, кога е во прашање Москва, има „проблеми, врски и јавно мислење“, но повторува дека има работи што не можат да одат заедно.

-Треба да започнеме преговори со Северна Македонија и Албанија, и се надевам, повеќе од надеж и желба, дека тоа ќе се случи за време на француското претседателство, сметаме дека ова одлагање е неодржливо, рече Борел, додавајќи и дека двете земји ги исполнуваат сите услови што се бараат од нив, и ако немаат перспектива за ЕУ тоа ќе ја чини Европа многу во смисла на кредибилитет, а ќе претставува и подарок за Русија.

Слични содржини