Борел за Белорусија: Разгледуваме мерки, изборите не беа фер

од Vladimir Zorba

Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел денеска ја осуди, како што рече, „несразмерната“ употреба на сила од страна на белоруските власти против демонстрантите по претседателските избори во неделата, и најави дека ЕУ може да преземе некои мерки.

„Изборите не беа ниту слободни ниту фер“, се вели во изјавата на Борел, повикувајќи се на „веродостојни извештаи“ од домашни набудувачи кои покажаа дека гласањето не е спроведено во согласност со меѓународните стандарди, пренесува Ројтерс.

„Државните власти користеа несразмерно и неприфатливо насилство. Илјадници луѓе се приведени и задушувањето на слободата на собирање, медиуми и изразување е засилено“, рече Борел.

Тој додаде дека ЕУ може да преземе „мерки против одговорните за насилство, неоправдано апсење и фалсификување на изборните резултати“, како дел од планираното разгледување на односите со Белорусија.

Борел ги повика белоруските власти веднаш да ги ослободат сите приведени.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко на изборите освои околу 80 проценти од гласовите, проследени со протести со судири меѓу безбедносните сили и приврзаниците на опозицијата во кои беше убиен еден демонстрант.

Слични содржини