Борел: За нормализирање на односите потребна е политичка храброст од Белград и Приштина

од Vladimir Zorba

Високиот претставник на ЕУ, Жосеп Борел изјави денеска дека целта на Унијата е да продолжи со сериозна и интензивна работа за нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина, додавајќи дека процесот нема да биде лесен и бара политичка храброст, посветеност и ангажман од двете страни.

„ЕУ беше и ќе биде подготвена да ги поддржи и олесни напорите за постигнување на сеопфатен, конечен правно обврзувачки договор за нормализација на односите што ги опфаќа сите отворени прашања“, рече Борел во видео-пораката пред дијалогот на високо ниво.

„Отсуството на решение го попречува развојот на двете страни. Знаеме дека тоа не е, ниту некогаш било, лесен процес, но треба итно да се работи за мир и напредок за заедничка иднина. Тоа ќе бара политичка храброст, посветеност и ангажман на двете страни“, Истакна Борел.

Борел додаде дека таквиот договор „е клучен за подобра иднина за граѓаните на Косово и Србија и нивната европска перспектива, но и за безбедноста и стабилноста на регионот, сето тоа е исто така клучно за ЕУ“.

Учеството на српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Авдулах Хоти и специјалниот претставник Мирослав Лајчак беше објавено на денешната видео конференција предводена од Борел.

Ова е прва средба на дијалог на високо ниво меѓу Белград и Приштина од 2018 година, по што треба да се организира личен состанок на учесниците во Брисел во четврток, 16 јули.

Слични содржини