Борисов: Не морам да бидам премиер или министер

од Nikola Popovski

Поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, чија партија ГЕРБ победи на парламентарните избори во неделата, ги покани своите политички ривали на разговори за формирање влада.

Тој пред новинарите во Софија изјави дека не сака да биде ниту премиер, ниту министер, ниту заменик.

„Сега не е вистинско време за доминација, туку за барање единство“, рече Борисов, додавајќи дека 80 отсто од Бугарите сакаат нова влада, а не нови избори.

„Инсистираме да се формира влада за народот да преживее зимава“, рече Борисов и додаде дека новата влада треба да се формира на таков начин што ќе може да го преживее целиот четиригодишен мандат.

На изборите во неделата неговата партија освои 25,4 отсто од гласовите, а партијата Континуирани промени освои 20,2 отсто. Во парламентот на Бугарија влегоа уште пет партии.

Борисов водеше три влади меѓу 2009 и 2021 година. Неговата репутација е нарушена по обвинувањата за корупција и врски со олигарсите, како и за задушување на слободата на медиумите.

Борисов рече дека најважно е да се утврди кој ја поддржува Украина во војната со Русија, а кој не: „Ова нека биде првата тема на која јасно ќе ги кажеме нашите ставови“, рече тој.

Други прашања за кои идните партнери треба да најдат консензус се инфлацијата, цените на енергијата, влезот во еврозоната и влезот во Шенген зоната на ЕУ.

Слични содржини