БОРОВИНКИТЕ ЕЛИКСИР ЗА СРЦЕ И МОЗОК: Препорачливи за луѓето со висок крвен притисок

од Stefanija Kuzmanovska

Започна жетвата на боровинки, кои може да се најдат и на пазарите, што значи дека сега е вистинското време да уживате во сините плодови, кои се добри за здравјето.

Ако се јадат редовно, боровинките имаат корисен ефект врз срцето, мозокот и шеќерот во крвта.

Бројни студии откриле врска помеѓу боровинките, односно храната богата со флавоноиди и подобрување на здравјето на срцето. Некои истражувања сугерираат дека боровинките можат да имаат значителни здравствени придобивки за луѓето со висок крвен притисок, главен фактор на ризик за развој на срцеви заболувања.

Исто така, според бројни студии, поголем внес на храна богата со флавоноиди, како што се боровинките, е поврзана со подобра функција на мозокот. Конзумирањето боровинки може да го спречи оксидативниот стрес, кој игра важна улога во процесот на стареење.

Боровинките содржат умерени количини шеќер и имаат низок гликемиски индекс. Ова значи дека тие немаат штетни ефекти врз нивото на шеќер во крвта, што може да биде последица на нивната висока содржина на биоактивни соединенија. Бројни студии покажуваат дека антоцијаните во боровинките помагаат во контролата на шеќерот во крвта.

Оксидативното оштетување на ДНК е секојдневна појава кај секое живо суштество. Тоа се случува десетици илјади пати секој ден во нашето тело, што следствено води до стареење и игра клучна улога во развојот на болести како што е ракот.

Бидејќи боровинките се богати со антиоксиданси, тие можат да неутрализираат некои слободни радикали кои ја оштетуваат ДНК.

Во една студија, 168 луѓе пиеле по еден литар мешан сок од боровинки и јаболка дневно. По четири недели, оксидативниот стрес предизвикан од слободните радикали бил намален за дури 20 проценти.

Слични содржини