Борозанов нов управител на фабриката на Џонсон Мети во С. Македонија

од Берта Китинска

Боријан Борозонов е нов управител на компанијата Џонсон Мети во Северна Македонија, почнувајќи од март годинава.

„Јас сум исклучително возбуден што сум дел од визијата на Џонсон Мети за почист и поздрав свет. Живееме во предизвикувачки времиња што влијаат на сите ширум светот. Џонсон Мети, глобален лидер во одржливи технологии, е во првите редови на сите големи мега трендови и активностите на компанијата се во срцето на решенијата што помагаат во обезбедување на почист воздух и овозможуваат иднина со помалку јаглерод во воздухот. Фабриката на Џонсон Мети во Македонија е еден од најважните столбови на глобалната стратегија на Џонсон Мети – горди сме што отприлика едно од 3 нови возила во светот имаат дел произведен од наши раце и горди сме што обезбедуваме почист воздух за сите, денес и за идните генерации“, вели новиот управител на компанијата, Борозанов.

Борозанов има повеќе од дваесетгодишно искуство во меѓународен менаџмент и лидерски позиции во Европа, САД и Северна Македонија, вклучително и во автомобилската индустрија. Тој доаѓа од компанијата Аптив Сервисес Македонија, каде од 2016 година работел како генерален директор/управител. Како раководител на Одделот за услуги на инвеститори во Invest Macedonia во периодот меѓу 2007 и 2012 година, Боријан ја помогнал реализацијата на 12 инвестиции со вредност од над 100 милиони американски долари и отворени се нови 2500 работни места во автомобилскиот ланец на снабдување во Северна Македонија.

Боријан е дипломиран инженер архитект, со MBA во глобален менаџмент од „Тандербрд“ школата за глобален менаџмент во Феникс, Аризона САД како „Фулбрајт“ стипендист, а во моментов ја изучува програмата за предводење претпријатија на школата за менаџмент „Келог“ во Еванстон, Илиноис САД, како „Зафировски“ стипендист. Боријан говори мајчин македонски јазик и англиски јазик.

Боријан во Џонсон Мети ќе му рапортира на Мориц Вилаерт, директор за производство во Clean Air секторот на Џонсон Мети.

Британската компанија Џонсон Мети ја користи науката за да создаде почист, поздрав свет. Тие се светски лидер во производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Џонсон Мети работи во над 30 земји ширум светот и вработува повеќе од 15 000 луѓе. Една третина од сите нови возила ширум светот имаат катализатори од Џонсон Мети.

Џонсон Мети ја одбра Северна Македонија како дестинација за својата европска мега-фабрика за автокатализатори во Технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1. Ова е најголемиот инвестициски проект, а воедно и најсофистицирана и најнапредна фабрика на Џонсон Мети во светот и компанијата е најголем извозник од Северна Македонија. Џонсон Мети минатата година ја затвори со 1.696 милиони евра увоз и 1.850 милиони евра извоз. Џонсон Мети во Северна Македонија вработува повеќе од 1.000 луѓе.

Слични содржини