Бошњаковски: СДСМ веќе не се бори за победа, туку се бори за да спаси тоа што може да се спаси

од Берта Китинска

Обидите на СДСМ да покаже дека и самите разбрале дека некои од нивните градоначалници не си ја завршиле работата доведе до предлагање на нови, но сериозно неконкурентни кандидати. Се чини дека единствениот градоначалник на голема општина од редовите на СДСМ кој ќе добие втор мандат е кумановецот Максим Димитриевски, кој беше екскомунициран од неговата матична партија. Од друга страна, друга страна мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ излезе со некои доста конкурентни кандидати во општините како Аеродром,вели во интервју за „Локално“ аналитичарот и правник Владимир Бошњаковски.

Според него нормално да има коалицирање на локално ниво, не само помеѓу опозициски партии, туку и меѓу опозициски и владини партии, како што е случајот со БЕСА и Алтернатива/Алијанса во вториот круг во Тетово.

-Видете го примерот со Германија каде што ако ги гледаме сите нивоа на власта најверојатно едновремено функционираат сите можни комбинации на коалиции.Во однос на поголемата слика, треба да се напомене дека коалициите на локално се „пробно возење“ за да се испита функционалноста на евентуална таква соработка и на централно ниво, коментира Бошњаковски.

За тоа кој би можел да биде наследник на Заев доколку тој се повлече од премиерската функција, аналитичарот вели дека евентуално оваа позиција би можел да ја превземе Венко Филипче, но пожарите во Тетово ја сменија сликата.

-Доколку бидеме реални тешко може да се најде некој функционер од редовите на СДСМ кој би имал доволно искуство и харизма за да ја преземе позицијата премиер, а истовремено да биде лојален на Заев, вели тој.

Уште два дена кампања и влегуваме во вториот изборен циклус. Според вас на што се должи пресврт и водство на ВМРО-ДПМНЕ во првиот круг?

Добриот исход на изборите за ВМРО-ДПМНЕ е доминантно последица на разочараноста на граѓаните од политиките на СДСМ на секое ниво и сфера на власта, но делумно е и резултат на релативната конкурентност на кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, како и коалиција со Алтернатива и Алијанса која што се покажа како доста профитабилна опција за ВМРО-ДПМНЕ.

Пред се не треба да се потцени прелевањето на незадоволството од централната власт на локално ниво затоа што тоа ја креира генералната атмосфера на едни локални избори. Од една страна, незадоволството доаѓаше од фактори врз кои што ниту една власт не би имала контрола, како што се ветото на Бугарија или високата смртност од корона кризата. Но од друга страна, највисоките функционери на СДСМ сами допринесоа за зголемување на ова незадоволство. Примери има многу, но тука би ги издвоил поактуелните како корупциските скандали околу Драги Рашковски, ноншалантниот однос на премиерот кога за време на пожарите ова лето тој си дозволи да биде забележен на плажа во Грција, бегањето од морална одговорност за пожарот во Тетово и политиките на Мила Царовска, која кон воведувањето на електронски учебници се однесува како да е тоа некоја крстоносна војна.

На локално ниви голема улога играше фактот актуелни градоначалници не успеаа да ги реализираат своите клучни предизборни ветувања од 2017-тата година. На пример, во Општина Центар не дојде до никакво сериозно ревидирање на деталните урбанистички планови. Во Општина Карпош немаше буквално ниту еден сериозен проект или подобрување на општинските услуги (јавна чистота, економија, култура и сл.) и ако оваа е една од општините со најголем буџет во државата. Последно, во Општините Ѓорче Петров и Аеродром и на ниво на Град Скопје најверојатно да се покаже дека се работи на капитални проекти се соочивме со предизборно раскопување на улиците и пешачките зони, па граѓаните ги дочекаа изборите во кал и хаос.

Обидите на СДСМ да покаже дека и самите разбрале дека некои од нивните градоначалници не си ја завршиле работата доведе до предлагање на нови, но сериозно неконкурентни кандидати. Се чини дека единствениот градоначалник на голема општина од редовите на СДСМ кој ќе добие втор мандат е кумановецот Максим Димитриевски, кој беше екскомунициран од неговата матична партија. Од друга страна, друга страна мора да се признае дека ВМРО-ДПМНЕ излезе со некои доста конкурентни кандидати во општините како Аеродром, Охрид, Штип, Ѓорче Петров и слично. Дури и политички неискусната Данела Арсовска ги освои симпатиите на многу скопјани со наративот дека е технократ и жена, која доаѓа од бизнис секторот и која не ја интересираат контроверзните политички теми од високата политика. Поради последново, и моменталната контроверза околку нејзиното наводно бугарско државјанство не и штети како што би му штетело на некој политичар кој сака да игра и на национални теми.

Врз се ова треба да се додаде и фактот дека коалицијата со Алтернатива и Алијанса донесе сериозни бенефити за ВМРО-ДПМНЕ во трката за Скопје и некои општини. Најдобар пример за ова е Општина Бутел, каде што е невозможно да се победи во прв круг без гласовите на албанското население.

Сепак, ВМРО-ДПМНЕ мора внимава да не биде премногу понесена од оваа победа. Имено, може да биде шанса за да ги докажат своите капацитети, но истовремено е и ризик доколку се случи спротивното.

„Ако го изгубиме Скопје ќе се повлечам од премиер но владата ќе ја води СДСМ“, вели Заев.Како ја коментираате оваа изјава на премиерот пред вториот круг на локланите избори?Дали со оваа изјава се создава дестабилизација на државата како еден вид на кампања за предвремени парламентарни избори?

Оваа изјава пред се треба да се третира од ПР-аспектот и се сомневам дека ова и би се реализирало, дури и при евентуален пораз на ниво на Град Скопје. Имено, Заев како најсилен извор на својот легитимитет го црпи од наративот дека тој е човекот што донел демократија, смирување на меѓу етничките односи и отворање на државата после 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Па затоа, оваа изјава сега се користи во обидот да се мобилизираат гласачи преку будење на стравот дека неговото паѓање некако автоматски ќе не врати во периодот пред 2017-та година.

Оваа карта е сеуште ефективна, но се повеќе почнува да личи на тоа кога ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше СДСМ за актуелни проблеми затоа што СДСМ бил носител на неславната приватизација и ако од времето на приватизацијата имаше веќе поминато 15 години. Граѓаните во 2016-та година навистина покажаа дека сакаат релаксирана и демократска атмосфера за живот, но тоа не значи дека граѓаните ќе толерираат неефикасна власт која што не може да ги решава секојдневните проблеми.

Во однос на предвремените избори, покрај разните шпекулации за нови мнозинства, мое мислење е дека владејачката коалиција е стабилна и покрај поразот што го доживеа најголемата владејачка партија. Земајќи го тоа во предвид не верувам дека тие би дозволиле некакви предвремени избори пред да почувствуваат дека се стабилизирале од овој тежок удар. Ова во комбинација со фактот дека до наредните редовни избори имаме уште 2,5 години им остава на СДСМ доста време за да ги консолидираат своите партиски редови, да ги испеглаат односите со коалиционите партнери и да остават простор ВМРО-ДПМНЕ да направи грешки, како партија која сега доминантно ја контролира локалната власт. Како ќе резултира овој процес не може да се знае, но дефинитивно од аспект на power politics би било тотално нелогично СДСМ сега да повика на предвремени избори.

Во случај доколку оваа сценарио се оствари кој од СДСМ би можел да ја предводи владата?

Доколку бидеме реални тешко може да се најде некој функционер од редовите на СДСМ кој би имал доволно искуство и харизма за да ја преземе позицијата премиер, а истовремено да биде лојален на Заев. Се шпекулира со името на Љупчо Николовски како некој што е подготвуван за наследник на Заев, но сметам дека овој функционер и ако не е непопуларен како некои други, тој не би бил подготвен да се носи со оваа многу сериозна позиција. Евентуално на оваа позиција ќе можеше да се игра Венко Филипче, но тоа преку ноќ се смени по пожарите во Тетово. Мила Царовска или Бојан Маричиќ се идеолошки толку далеку од просечниот гласач на било која партија, што автоматски би биле екстремно непопуларни.

Мое мислење е дека можеби Оливер Спасовски би бил најдобриот избор за Заев, како еден човек кој добро знае како функционира државниот апарат, а е премногу нехаризматичен за да може да ја загрози лидерската позицијата на Заев.

Сите партии поминаа лошо поради малиот одзив, СДСМ најмногу, а ДУИ најмногу доби. Дали СДСМ има проблем во своите редови?

Па очигледно е дека СДСМ има голем проблем во своите редови. Тука е пред се фактот дека нивните коалициони партнери ЛДП/ДОМ излегоа со свои кандидати за клучни општини како Скопје, Битола, Аеродром, Прилеп, Куманово, Карпош. Бројките на самиот ден на избори покажуваат дека гласови на овие коалициони партнери не би направиле некако значајно различен во крајниот исход, но штетата за нив беше направена затоа што овие партии како главна мета за критика го земаа СДСМ. Тие критики направија и тоа да сега постои „лоша крв“ меѓу коалиционите партнери и одредено губење на образ при идна предизборна коалиција со СДСМ.

Додатен проблем се и шпекулациите дека и во партиските редови на СДСМ има превривања, кои се водени пред се од градоначалниците на кои што СДСМ не им даде втора шанса, па тие сега влијаеле активистите од нивните табори да се пасивизираат и дури да не гласаат за СДСМ.

Најеклатантниот пример за овој внатрепартиски раскол е Максим Димитриевски кој се охрабри да „крене рака“ против својата партија и со оваа ретка храброст успеа да ги освои срцата на граѓаните ширум државата. Сметам дека Заев сега и те како се кае затоа што проба на таков начин да го казни Максим за неговата непослушност на централата. Очигледната цена за овој потег е што најјакиот бастион на СДСМ, каде што немаат изгубено ниту еднаш во нашата историја, е доведен во сериозен ризик. Но пострашната е скриената цена а тоа е дека во СДСМ и нема баш некоја внатрепартиска демократија, но уште пострашно е перцепцијата дека може да тргнете против СДСМ како ваша матична партија и од тоа добро да профитирате.

Дали може да се оствари, прогнозата на Заев за конечна победа?

Сметам дека СДСМ веќе нема шанси за победа на изборите по ниту еден од релевантните параметри, како што се вкупен број на градоначалнички места, вкупен број на гласови и освоени големи општини. Ова дотолку повеќе што никој не веруваше во ваков изборен резултат. Самиот Заев велеше дека уште во првиот круг СДСМ ќе победеле во 22 две општини, а ВМРО-ДПМНЕ во само шест. Сепак, изборниот резултат за ВМРО-ДПМНЕ беше толку добар што ни најтврдокорните поддржувачи на Мицкоски не веруваа дека е возможен. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ неколкукратно ги надмина очекувањата на било кого. Така, во оваа фаза СДСМ веќе не се бори за победа, туку се бори за да спаси тоа што може да се спаси.

Во неколку општини има најава за спојување на гласовите на опозицијата дали ова е шанса за уште поголема победа и предвесник за предвремени парламентарни избори?

Сосема е нормално да има коалицирање на локално ниво, не само помеѓу опозициски партии, туку и меѓу опозициски и владини партии, како што е случајот со БЕСА и Алтернатива/Алијанса во вториот круг во Тетово. Тоа е чудно само во нашата држава каде што на политиката се гледа како на рововска битка, додека во западните демократии тоа не е нешто посебно. Па видете го примерот со Германија каде што ако ги гледаме сите нивоа на власта најверојатно едновремено функционираат сите можни комбинации на коалиции.

Во однос на поголемата слика, треба да се напомене дека коалициите на локално се „пробно возење“ за да се испита функционалноста на евентуална таква соработка и на централно ниво. Ова е особено корисно ако таквите коалиции се помеѓу неприродни партнери како ВМРО-ДПМНЕ и Алтернатива/Алијанса. Од овој пакт сигурно профитираше ВМРО-ДПМНЕ, но не сум сигурен колку доби Алтернатива/Алијанса. Останува да видиме дали оваа коалиција ќе го издржи тестот на времето односно поделбата на пост-изборниот колач на јавните претпријатија, раководни позиции, јавни набавки и вработувања.

Последно, да не заборавиме дека оваа коалиција лесно проаѓа кога станува збор за локални проблеми, но доста потешко ќе помине на централни избори, кога се зборува за договорите со Грција и Бугарија, статусот на албанскиот јазик во државата и слични теми. Но во секој случај, оваа коалиција ќе донесе до тргање на подобрување на статусот на ВМРО-ДПМНЕ кај албанските граѓани и ќе ја намали перцепцијата за слаб коалициски капацитет – нешто кое од спротивниот табор сметаа дека е најсигурна гаранција дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дојде на власт.

Колку гласовите на Левица од првиот круг ќе имаат улога во конечните резултати?

Гласачите на Левица се граѓани кои што се разочарани од двете големи политички партии, притоа тие доминантно млади гласачи и гласачи на кои што им значат некои национални прашања.

Првите се во суштина полиберални и помалку заинтересирани за националните прашања, што значи дека би имале тенденција да гласаат за СДСМ, но како млади луѓе се „по недисциплинирани“ гласачи т.е. е неизвесно колку сигурно би излегле да гласаат (најверојатно затоа што како млади луѓе може на денот на избори да дадат приоритет на некои други поинтересни работи во нивниот живот), но исто така тие според мене се помалиот базен од кој што Левица црпи гласови.

Втората категорија на гласачи, се гласачи од секоја возраст, но доминантно средовечни гласачи, кои што по природата на нештата доколку не би постоела Левица би биле повеќе склони кон тоа да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. Додатно, овие гласачи, со оглед дека интензивно пратат политика, денот на избори за нив е интересен настан во кој што сакаат да партиципираат. Од друга страна, многумина од нив го доживуваат ВМРО-ДПМНЕ како премногу мек за националните прашања или како братот близнак на СДСМ, па така тие можеби не би гласале воопшто (покрај тоа што ќе го следат изборниот процес) или дури би го поништиле своето ливче.

Земајќи ги во предвид сите фактори во гореопишаниот контекст може да се претпостави дека одреден број од гласачите на Левица ќе се слеат кај СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Со оглед на големината на втората категорија и нејзиниот интерес да гласа сметам дека е неспорно дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде поголемиот добитник во оваа прераспределба на гласови.

Б.М.

Слични содржини