Ботовско – троловска Република

од desk4

Наместо факти и вистини се почесто со светлосна брзина во македонскиот медиумски простор се шират лажни информации. Ваквата појава особено се  засилува за време на изборните кампањи. Ако истовремено, како што е во нашиот македонски случај, имаме и наплив од ботови и тролови, тогаш граѓаните деноноќно се „бомбардирани“ со текстови преполни со „високо квалитетна манипулација“.

Застрашувачки е податокот во Публикацијата на Советот на Европа насловена како „Дезинформации и изборни кампањи“ дека за да се негираат лажни гласини кои кружат на социјалните мрежи Твитер, Фејсбук, Инстаграм, потребни се најмалку од 12 до 14 часови.

Според ова, влијанието на лажните вести во предвечерјето на гласањето на избори може да биде разурнувачко.

Комуникологот Сеат Џигал за „Локално“ вели дека лажните вести, ботовите и троловите кај нас веќе им пресудија на локалните избори, бидејќи има намалена излезност, голем број на поништени гласачки ливчиња, но и поголема поддршка на независните кандидати и листи.  Според Џигал партиските ботови станаа значаен дел од онлајн кампањите на партиите во кои активистите наместо да лепат плакати, сега се сè поактивни на социјалните мрежи во давање поддршка на своите сопартијци или во нападите на политичките противници.

-Ботовите најчесто се носители на црните кампањи преку кои се врши притисок врз противниците и нивните поддржувачи. Нивниот агресивен и често вулгарен стил, во жаргоните на социјалните мрежи, ги антагонизираат со другите корисници, кои или им се спротивставуваат, со што се зголемува поларизацијата, или се исклучуваат од комуникацијата, што потоа влијае врз намалена излезност на изборите. Се случува и оние кои се антагонизирани против партиските ботови да побараат решенија во развивање алтернатнивни групи и организирање на отпор од нови политички групации, што делумно и се случи на овие локални избори. Во таа смисла, партиските ботови на овие избори влијаеја на политичка мобилизација на нови групи, листи и иницијативи, но и на намалената излезност и големиот број поништени ливчиња, вели Џигал.

И според новинарот Зоран Иванов, социјалните мрежи, Фејсбук, Твитер, нешто помалку и Истаграм, кои се доминантни и на македонскиот „медиумски“ простор, имаат влијание врз целокупното општетствено живеење. Во тој контекст, вели  Иванов, посебно Фејсбук, има влијание врз изборниот процес, попрецизно, врз дел од гласачкото тело.  Иванов  за „Локално“  посочува дека сепак е прерано да се констатира дека напливот на разните содржини или „откритија“ со негативна конотација за некои од учесниците во изборите, посебно за маркантните кандидати за градоначалници, имаат некакво пресудно влијание. Ова поготово ако станува збор за неидентификуваните автори кои ги именуваме како ботови.

– Но ништо не е без некакво влијаните. Па сепак, тие ниту од далеку не можат да се споредат со влијанитето на легитимните автори на пораките, на постовите, на содржините кои се вон контекст на изборите. Посебно на оние на авторите кои се познати ликови од областа на политиката, академската заедница, културата, спортот, естрадата. Ботовите се анонимуси, а луѓето, гласачите, не се глупави. Тие точно знаат дека станува збор за анонимни партиски креации од кујните на изборните партиски штабови или за поединци, таканаречени партиски навивачи. Тие главно се автори без било каква објективност во нивните интернет содржини. Или, попрецизно, ваквата предизборна активноаст би ја дефинирал како чисто субјективна платена или навивачка Фејсбук, Твитер или Инстаграм кампања, вели Иванов за „Локално“.

Најчесто сретнуваната дефиниција во медиумте за „бот“ е дека тоа е софистициран механизам за зголемено влијание врз гласачите. Тоа е автоматизирана софтверска програма која имитира човечко однесување на социјалните медиуми со тоа што објавува, лајкува и разговара со вистински луѓе. Како што кажал еден германски експерт: „Социјалните ботови се лажни профили на социјалните медиуми кои се преправаат дека се вистински луѓе“. Според тоа, некој кој контролира само еден бот може да влијае врз милион луѓе. На пример, ботовите можат да поларизираат јавно мислење преку говор на омраза.

Во Публикацијата „Дезинформации и изборни кампањи“, пишува и дека според проценките од давателот на услуги во облак „Импрева Инкапсула“, во 2016 година ботовите сочинувале 51.2% од целиот интернет сообраќај. Ако многу од нив имаат комерцијални цели, тогаш злонамерните ботови не можат да се откријат и можат да се користат за хакирање, спамирање или за крадење содржини.

Од друга страна „трол“ е вистинска личност која времето на интернет и на социјалните медиуми го поминува во објавување на пораки или коментари кои создаваат поделби или се нерелевантни, за да вознемируваат или да разлутуваат други луѓе.

За време на изборни кампањи се пријавуваат и хаштагови, што се кратки програмски кодови кои се вметнуваат во пораките за да ги направат пребарливи.

Популарните хаштагови содржат „теми кои се во тренд“, со кои се овозможува пристап до дискусиите. Со хаштаговите манипулираат ботови. Хаштаговите кои се репродуцираат го одразуваат мислењето на малку луѓе кои имаат многу профили.
Тоа дава претстава дека претставуваат многу луѓе. Едноставни кратки програмски кодови ги наведуваат луѓето да мислат дека некое мислење претставува широко распространет став.

За да можат граѓаните да ја избегнат манипулацијата на ботовите и троловите, Иванов кој со децении е присутен на македонскиот медиумски простор порачува дека сите треба да се информираме од медиуми, интернет медиуми, портали кои се веќе етаблирани како професионални редакции. Тој вели дека и понатаму  традицоналните па и регионалните телевизии се се уште главниот фактор кому широкиот аудиториум, меѓу кој и гласачите, им веруваат и кои можат да се потпрат на нивните автентични, веродостојни и објективни информации.

Б.Т.

Слични содржини