Божиќ во Европа: Каде празникот е поважен од строгите мерки?

од Nikola Popovski

Пандемијата на коронавирус оваа година им го загрози на многумина најубавиот празник во годината – Божиќ. Многу европски влади се соочуваат со дилемата дали да ги ублажат строгите мерки и да им дозволат на граѓаните малку радост во прилично мрачна година за нас или да се придржуваат до строгите мерки заради некој иден Божиќ. Иако списокот на оние кои ќе продолжат да инсистираат на строги затворања и мерки е подолг, има и такви кои сепак решија да им дозволат на своите граѓани малку релаксација пред годината што се проценува дека е една од најпредизвикувачките од економска гледна точка.

Австрија

Австрискиот парламент усвои празничен пакет мерки на 16 декември, врз основа на кој на Австријците им е дозволено да организираат приватни божиќни забави со најмногу 10 лица од максимум десет домаќинства. Маските и растојанието на овие настани ноќта помеѓу 24 и 25 декември нема да бидат задолжителни.

Белгија

Белгиските власти воведоа строги мерки, вклучително и полициски час во текот на ноќта. За да не биде „Гринч кој го украде Божиќ“, властите дозволија „шопинг сесија“ за една возрасна личност најмногу до половина час. Домаќинствата можат да примат само еден гостин, освен луѓето кои живеат сами и кои можат да примат и прегрнат двајца гости. Дозволено е да се соберат најмногу четири лица на отворено.

Поради зголемувањето на бројот на заразени и мртви, властите не ја исклучија можноста за воведување на построги мерки, на самиот Божиќ, кога владиниот кризен штаб повторно се состанува.

Данска

Данска воведе строги мерки што ќе траат до 3 јануари. Божиќ ќе се слави во најблискиот круг на семејството, кој може да биде поголем од максимум 10 лица само за Бадник. Љубителите на шнапс и други алкохолни пијалоци ќе мораат да соберат доволно залихи пред Божиќ бидејќи во тој период нема да биде отворена ниту една продавница, а црквите можат да одржуваат миса со задолжително почитување на далечината, заштитните маски и максимум 10 лица во затворен простор.

Франција

Франција првично се надеваше дека ќе може да ги олесни мерките за Божиќ, но бројот на новозаболени ги наруши плановите на сите, поради што беше воведен полициски час, кој ќе биде откажан на Бадник, за Французите „да го споделат овој момент со најблиските“, во приватноста на нивните домови затоа што сите јавни собири се забранети.

Германија

Германија исто така се надеваше дека строгите мерки воведени на крајот на ноември ќе им овозможат на Германците да поминат релативно среќен Божиќ, но бројот на новозаразени доведе до целосно затворање на земјата. Во обид да им се овозможи на луѓето што повеќе да го слават Божиќ, на 24, 25 и 26 декември, домаќинствата ќе можат да поканат четворица гости „од најблискиот семеен круг“, додека Нова година нема да се слави овој пат.

Ирска

Ирска, која воведе шестнеделно затворање за да им овозможи на своите граѓани да го слават Божиќ, ќе ги ублажи празничните мерки и покрај предупредувањата дека тоа може скапо да ги чини. Ирците се едни од ретките кои ќе имаат три недели, од 18 декември до 6 јануари, кога ќе можат да присуствуваат на семејни собири на три домаќинства и црковни служби со 50 лица. Надлежните се потрудиле божиќниот шопинг да биде што е можно побезбеден, со почеста дезинфекција и проветрување на просториите.

Италија

Властите во Италија ги забранија регионалние патувања во периодот од 21 декември до 6 јануари, а на 25 и 26 декември и 1 јануари, граѓаните нема да можат да ги напуштат градовите во кои живеат, освен ако не заминат кај роднини кои и самите се болни. Ноќниот полициски час ќе се скрати за луѓето да можат да го слават Бадник и да се вратат во своите домови пред 1 часот по полноќ.

Рестораните ќе бидат отворени за Божиќ и ручек, додека Бадник ќе се слави со најблиското семејство.

Холандија

Холандија, која ги заостри мерките кон средината на декември, ќе ги „опушти“ малку за Бадник и Божиќ, кога ќе бидат дозволени посети на најмногу тројца гости.

Полска

Полска минатиот месец одлучи да ги отвори трговските центри и продавниците за да ја подобри економската состојба на земјата, но властите сега одлучија повторно да воведат строг локдаун по Божиќ. Полјаците ќе можат да го слават Божиќ со своето најблиско семејство, додека Новата година нема да можат да ја дочекаат на улиците поради полицискиот час што ќе важи од 7 вечерта до 6 часот наутро.

Шпанија

Шпанските власти им дозволија на своите граѓани да го слават Божиќ дома, во друштво на максимум 10 лица од најмногу две домаќинства. Црквите ќе бидат отворени, но пеењето и бакнувањето икони е забрането. Традиционалната полноќна миса може да се одржи во согласност со полицискиот час, кој започнува најдоцна до 1.30 часот по полноќ. Божиќ може да се слави на отворено, но и во кината, театрите и други установи, под услов да се почитуваат мерките за физичка дистанца.

Обединето Кралство

Новиот вид на коронавирус ги наруши плановите на Британците, кои со нетрпение го очекуваа „грејс периодот“ од 23 до 27 декември. Собирите сега ќе бидат ограничени во приватните домови и членовите на семејството.

Слични содржини