Бранислав Лечиќ: Никогаш не сум бил агресивен кон ниту една жена, напротив

од Stefanija Kuzmanovska

Бранислав Лечиќ повторно се огласи во врска со обвинувањата на Даниела Штајнфелд дека ја силувал.

Тој уште еднаш потенцираше дека, додека обвинителството не донесе одлука, не сака да коментира ништо во медиумите.

„После тоа, медиумите можат да ме прашаат сè, немам апсолутно никаков проблем. Но, прво обвинителството, па сè друго. Ќе се изборам за вистината, од почеток до крај. Нема збор. Јас ги почитувам законите на оваа земја и земјата на која ѝ припаѓам, па подоцна ќе зборувам во јавноста. Нема судење прво во медиумите, а потоа и во обвинителството. Се разбира, јас сум на располагање на обвинителството и тоа што е можно побрзо. Исто така, јас сум секогаш подготвен за полиграф, во кое било време од денот и ноќта. Се работи за одбрана на мојата личност и концепт на светот, бидејќи ова е напад врз мојот поглед на светот. Никогаш не сум бил агресивен кон ниту една жена. Напротив“, изјави Лечиќ за „Новости“.

Ова не е првпат Лечиќ да се огласи за обвинувањата изнесени од актерката Даниела Штајнфелд против него.

„Јас, Бранислав Лечиќ од Белград, најрешително негирам какви било обвинувања против мене. Никогаш во животот не сум сторил некое кривично дело, а камоли дело на силување или какво било поврзано или слично дело! Ја користам оваа прилика да ги информирам како надлежното обвинителство, така и јавноста, дека немам апсолутно ништо да кријам, дека немам намера да ја напуштам територијата на Србија“, рече тој во претходната изјава, додавајќи дека е подготвен да оди на полиграф.

Да потсетиме, Даниела Штајнфелд вчера му го откри на Вишото обвинителство во Белград името на лицето кое го обвинува за силување, а наскоро се дозна дека станува збор за нејзиниот колега Бранислав Лечиќ. Уште тогаш тој реагираше со изјава дека тоа е „најодвратна лага“.

Слични содржини