„Брат до брат кога е неопходно“: Турција и Албанија потпишаа седум договори

од Nikola Popovski

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска престојуваше во Албанија, каде што разговараше со албанскиот премиер Еди Рама за зајакнување на билатералните врски и присуствуваше на почетокот на изградбата на новите станови финансирани од Турција за Албанците кои останаа без покрив над главата во земјотресот во 2019 година.

Ердоган на аеродромот „Мајка Тереза“ беше пречекан од премиерот на Албанија, Еди Рама, а потоа се упатија кон градот Лачу, во областа Курбин, каде што присуствуваше на предавањето на клучевите од становите изградени со поддршка на Република Турција.

По тој повод Ердоган ја доби титулата почесен граѓанин, а еден од плоштадите ќе го носи името на Ердоган од 19 јануари. Претседателот на Турција во поздравниот говор рече дека радоста на Албанците е негова радост.

-Братот стои покрај братот кога е потребно, а не кога ќе го побара, посочи тој.

Од друга страна, премиерот на Албанија, Еди Рама, го опиша претседателот на Турција како „скапоцен пријател, не само на Албанците, туку и на самиот него“. Тој ја опиша својата прва средба со Ердоган, кога рече дека Албанија и таканареченото Косово му се во срцето.

-Значењето што го дава зборот братство е олицетворение на она што го вели пророкот Мухамед: Никој од вас не верува ако не го сакате истото за својот брат како што сакате за себе, рече Рама, пренесе Косово онлајн.

Седум договори меѓу Турција и Албанија

Турција и Албанија потпишаа седум договори во различни области, вклучително и медиумите, спроведувањето на законот, културата и управувањето со вонредни состојби.

Ердоган рече дека врските со Албанија се на ниво на стратешко партнерство, додавајќи дека двете земји имаат за цел да постигнат годишна размена од една милијарда долари.

Албанскиот премиер смета дека улогата на Турција во регионот на Западен Балкан е „неопходна, неотуѓива и без сомнение конструктивна улога за мирот“.

-Без Турција, ЕУ не би била во сегашната ситуација, туку полоша, рече Рама.

-Турција е неизбежен вентил за безбедноста на ЕУ, посочи тој, јавува Танјуг.

Слични содржини